Нападот врз молитвениот дом на Јеховините сведоци во Хамбург, во кој повеќе лица ги загубија животите, е последниот во серијата вакви инциденти во Германија во последниве години, по што денеска дел од јавноста бара заострување на и онака строгите закони за оружје во земјата.

Сенаторот за внатрешни работи на градот-сојузна покраина Хамбург Енди Гроте потврди дека напаѓачот пред да си го одземе животот, „убил седум лица, меѓу кои и неродено бебе“. Меѓу убиените има четворица мажи и две жени, сите германски државјани. Повредени се осум лица, од кои четворица потешко. Сите жртви се германски државјани, освен две жени од повредените, од кои едната од Украина, а другата од Уганда.

Според полицијата, напаѓачот законски поседувал полуавтоматски пиштол „Хеклер и Кох Пистол П30“. - Тој испука повеќе од 100 истрели за време на нападот, рече шефот на обвинителството во Хамбург, Ралф Петер Андерс, додавајќи дека биле пронајдени уште стотици куршуми при претресот на станот на човекот.

Во Германија има строги закони за поседување оружје, но сепак попопусливи од соседните земји, па масовните пукања во оваа земја не се нешто непознато.

- Во февруари 2020 година, 43-годишен маж уби девет лица од мигрантско потекло, во расно мотивиран напад во градот Ханау, источно од Франкфурт, пред да ја убие својата мајка и себеси.

- Во октомври 2019 година, напаѓачот кој јавно ги навреди Евреите пред синагогата во Хале на Јом Кипур, најсветиот ден во еврејската година, застрела и уби две лица додека го пренесуваше нападот во живо.

- Во јули 2016 година, 18-годишен Германец со иранско потекло уби девет лица, главно муслимани, во трговски центар во Минхен.

- Во март 2011 година, двајца американски војници беа убиени во исламистички мотивиран напад врз американски воен автобус на аеродромот во Франкфурт.

- Во март 2009 година, 17-годишно момче уби 15 луѓе во градовите Виенден и Вендлинген, во југозападна Германија, а потоа побегна пред да се самоубие.

- Во април 2002 година во Ерфурт, 19-годишно момче во училиште уби 16 луѓе, а потоа и себеси.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2023 03:49