Околу 500 мигранти кои се наоѓаат во брод на брегот на Сицилија чекаат да бидат спасени, ги предупреди денеска италијанските власти добротворната организација „Алармфон“.

Организацијата, која прима повици од бродови со мигранти во неволја, го упати апелот поради драматичното зголемување на пристигнувањата во Италија по морски пат и неодамнешниот смртоносен бродолом во близина на брегот на Калабрија.

„Не губете време: испратете помош веднаш!“, објави Алармфон на Твитер.

Се додава дека бродот тргнал од Либија и се наоѓа јужно од Сицилија во италијанската поморска зона.

Можностите на Италија за спасување мигранти на море станаа дискутабилни по бродоломот на 26 февруари во близина на Калабрија, во кој загинаа најмалку 73 мигранти, вклучително и дете на возраст меѓу четири и шест, чие тело беше пронајдено во петокот.

Полициските бродови се обидоа, но не успеаја да пресретнат дрвен чамец со мигранти поради неповолните временски услови, а крајбрежната стража, подобро опремена за справување со немирното море, не беше веднаш активирана.

Десничарската Влада на Италија вчера одговори со построги затворски казни за шверцерите на мигранти и вети дека ќе ги прекине нивните нелегални патувања со брод, истовремено отворајќи ги каналите за легална миграција.

Сепак, тоа не го спречи нерегуларниот проток на мигранти, бидејќи од средата во Италија пристигнаа речиси 3.000 луѓе, во споредба со околу 1.300 колку што биле во месец март минатата година.

„Рекорден број од 1.869 мигранти од 41 чамец пристигнаа во четвртокот на островот Лампедуза“, објавија италијански медиуми.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2023 03:49