Грузискиот премиер Иракли Гарибашвили го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски за мешање во политичката ситуација во неговата земја, откако даде коментари за минатонеделните протести што се одржаа во Грузија, а оваа негова реакција предизвика лут одговор од Киев.

За време на протестите против законот за „странски агенти“ за кој критичарите велат дека сигнализира авторитарна промена во Грузија, Зеленски им се заблагодари на демонстрантите што ги истакнаа украинските знамиња, изјавувајќи дека тоа покажува почит кон неговата земја и притоа на Грузијците им посака „демократски успех“.

Грузискиот Парламент во петокот и официјално го отфрли законот што се закануваше на Тбилиси да му ги попречи потесните врски со Европа.

-Кога човек чија земја е во војна реагира на деструктивната активност на неколку илјади собрани овде во Грузија, тоа е директен показател дека и таа личност е вклучена и дека е мотивирана да направи и овде нешто да се случи, да дојде до промени, рече Гарибашвили во интервју за грузиската телевизија ИМЕДИ, алудирајќи на Зеленски.

„Би сакал на сите да им посакам предвремен крај на оваа војна и воспоставување мир“, додаде Гарибашвили.

Но, портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Олех Николенко го обвини Гарибашвили дека ја повторува „руската пропаганда“ дека Киев се обидува да ја вовлече Грузија во конфликт со Москва.

„Ние категорично ги отфрламе таквите тврдења кои немаат никаква врска со реалноста. Грузиските власти го бараат непријателот на погрешно место“, напиша денеска Николенко на Фејсбук.

И покрај изјавите на Гарибашвили, грузиското јавно мислење е силно проукраинско и антируско.

Грузија во 2008 година водеше кратка војна со Русија за статусот на двата отцепени региони поддржани од Москва, Абхазија и Јужна Осетија.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/03/2023 15:56