Обемот на соработката во регионот се намалува, земјите се слабо интегрирани во светската трговија, а светскиот извоз во изминатиот период бележи значителен пораст. Компаниите се во многу тешка позиција поради неизвесноста која е катастрофална за бизнисот и смрт за инвестициските активности и нивниот развој, оценува Стопанската комора.

-За илустрација, земјите од Западен Балкан со извоз на добра и услуги од близу 40 проценти од БДП далеку заостануваат во однос на другите земји, како, на пример, Словачка, Естонија, Латвија и Словенија, чиј извоз достигнува и до 80 отсто од БДП. Влегуваме во неизвесност која е катастрофална за бизнисот. Компаниите во овој момент се наоѓаат во многу тешка позиција, бидејќи ваквата неизвесност е смрт за инвестициските активности и за нивниот развој, наведува Комората и воедно информира дека нејзиниот претседател Бранко Азески именувал олеснувачи на преговорите меѓу Србија и Косово за надминување на административните бариери кои го кочат бизнисот.

За модератори и олеснувачи на преговарачкиот процес за надминување на административните бариери во економската соработка меѓу Србија и Косово, што ќе се одвиваат меѓу тимови од стопанските комори на двете земји се назначени Елена Милевска Штрбевска и Јадранка Аризанковска, советници од Кабинетот на Азески.

Првиот состанок ќе се одржи во четврток, на 30 март во Скопје, согласно утврдена динамика. Целта е што побрзо разрешување на сите спорни прашања поврзани со административните бариери кои ја кочат економската соработка меѓу овие две земји.

-Веќе 12 години се одвива дијалогот Белград – Приштнина, со посредство на Европската унија, во кој на политички план сѐ уште не се постигнати значителни резултати. Од прогласувањето на независноста на Косово, во 2008 година, помеѓу двете земји постојат различни предизвици во однос на економската размена, имајќи предвид дека официјален Белград не ги признава документите кои ги издаваат косовските институции, како на пример сертификатите за потекло на производите од Косово. Усогласувањето на спорните прашања во трговската соработка меѓу Србија и Косово е исклучително важно економско, но и политичко прашање, од причина што може да доведе до нормализација на односите помеѓу овие две земји, како нов исчекор во децениските тензични односи. Постојат и веќе потпишани договори кои треба да обезбедат основа и инструменти за значајно подобрување на конкурентноста, економската кохезија и поврзаноста на целиот регион на Западен Балкан. Од тие причини и Стопанската комора на Северна Македонија, како активен учесник во процесите на унапредување на регионалната соработка, посветено се вклучи и во овој процес чии придобивки би значеле и поттикнување на креативниот, економскиот и научниот потенцијал на регионот во целина, наведува Комората.

Според Комората, за да се елиминираат сите недостатоци кои се јавуваат во трговската размена, сега е вистинско време да се повлечат мудри потези, во насока на интензивирање на регионалната интеграција и трговската соработка, што ќе обезбеди економски просперитет на двете земји, но и на Западен Балкан во целина.

-Затоа, за почеток е потребно отстранување на сите административни бариери и создавање услови за подобрување на економската соработка, доколку сакаме странските партнери и меѓународните институции да гледаат на регионот како просперитетен иден политички и економски партнер, смета Стопанската комора.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2023 10:34