Лансирање процес за создавање нов стратешки концепт за А5 ќе биде најважен дел од приоритетите на претседавањето на Македонија со САД - Јадранската Повелба во текот на оваа година, како и проширување со нови членки, истакна на денешната прес - конференцијата по отворањето на неформалниот министерски состанок на оваа иницијатива шефот на дипломатијата Бујар Османи.

-После две декади постоење геполитичките околности во регионот и пошироко се значајно променети, а особено по актуелната воена агресија на Русија врз Украина. Дополнително А5 во голем степен ја има исполнето иницијалната цел за која беше основана -денес практично сите три земји основачи дополнително и Црна Гора како подоцнежна членка на Повелбата, се членки на НАТО. Оттука, нашата цел е да ја адаптираме А5 на актуелните состојби и да ја зајакнеме нејзината политичка улога во насока на полесно справување со современите безбедносни и регионални предизвици, подвлече Османи претставувајќи ја оваа амбициозна цел на нашето претседавање.

Предлозите предвидуваат зајакнување на координацијата и соработката на земјите од Повелбата кои се членки на НАТО што е во насока на промовирање на интересите на целиот регион во различните структури на Алијансата, дефинирање на спектар на механизми кои ќе овозможат поголем ангажман и вклученост на земјите од Повелбата кои не се членки на НАТО - БиХ, Косово и Србија.

Проширување на регионалната соработка за актуелни теми и прашања кои се актуелни во НАТО како што се справување со хибридни и сајбер закани, стратешки комуникации и други.

Од неформалниот министерски состанок денеска ќе биде усвоена заедничката изјава од кои се издвојуваат две пораки - заедничка поддршка на политиката на отворени врати на иницијативата односно проширување на А5 со нови земји членки, заради промоција на инклузивност, соработка и стабилност во региот и силна поддршка на земјите членки за Украина и осуда на руската агресија.

-Ние како претседавачи се залагаме за што поскоро членство на Косово во А5 чија апликација за иницијативата е поднесена уште од 2012 година, подвлече Османи.

Тој нагласи дека од почетокот на војната до денес сите земји членки на А5 од регионот имаат донирано околу 17 милиони долари хуманитарна помош, додека поголемиот дел од земјите членки од регионот обезбедиле околу 214 милиони долари воена помош. Заедно со САД пак овие суми надминуваат 1,62 милијарди долари во хуманитарна помош, односно 32,7 милијарди воена помош.

На состанок на А5 свое поздравно видео обраќање имаше и шефот на укаринската дипломатија Димитро Кулеба, кој ги поздрави активностите и приоритетите на претседавањето на Македонија со САД – Јадранската повелба, што се одржува во време на услови на руската брутална војна во Украина, истакнувајќи дека А5 е од суштинско значење за безбедноста на Европа.

Заедно со претседавањето на ОБСЕ претседавањето со САД - Јадранската повелба претставува еден од највисоките приоритети на МНР за оваа година.

САД - Јадранската повелба претставува најважната иницијатива за промоција на евроатланатските вредности во регионот. САД се стратешки партнер и основа во А5, а покрај Македонија членки на иницијативата се и Албанија, БиХ, Хрватска и Црна Гора, додека Косово, Србија и Словенија имаат статус на земји набљудувачи.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2023 12:36