Право на Владата на САД, која има повеќе различни механизми за санкционирање, е да презема мерки кон оние што ги загрозуваат мирот и стабилноста во регионот, не ги почитуваат Охридскиот и Преспанскиот договор и кои се вклучени во организиран криминал и корупција, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

- Тие механизми се исклучително важен инструмент кој е комплементарен со нашата борба против корупцијата. САД ја имаат целата наша поддршка и барање да ни помогнат во справувањето со корупцијата и организираниот криминал, како еден од најглавните ризици за стандардот на граѓаните, но и за стабилноста на земјата, истакна Османи на денешната прес-конференција за време на министерскиот состанок на Иницијативата „САД-Јадранска Повелба“ одговарајќи на новинарско прашање дали е запознат кои личности од земјава ќе се најдат на најновата „црна листа“ на САД за лица кои се предмет на санкции.

Запрашан за коментар за обвинувањата на опозицијата за криминал и корупција при склучен договор од страна на ЈП за државни патишта, Османи изјави дека е некоректно да се изведуваат заклучоци без да се слушнат двете страни.

- Мислам дека следен чекор би требало да биде директорот, односно претпријатието да се изјаснат. Ако после тоа изјаснување остане нерешена дилема тогаш ќе коментирам. Мислам дека денеска е денот кога претпријатието треба да ја каже својата вистина, бидејќи од наслови на договори, од наслови на соопштенија на политички партии е недоволно да се извлече заклучок за да може да коментира МНР, додаде Османи.

ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини дека директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, кој е кадар на ДУИ, склучил договор за косење трева, кастрење гранки и сечење на дрвја во патен појас со фирма од кичевското село Челопеци во вредност од над 2 милиони евра, што партијата го оцени како „еклатантен пример за криминал и корупција“.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2023 13:01