Сабота, 6 мај, кралот Чарлс Трети - станува 40-тиот британски монарх крунисан во Вестминстерската опатија.
Тој стана крал веднаш по смртта на неговата мајка, Елизабета Втора, во септември 2022 година.
Што работи кралот?
Кралот во Велика Британија е шеф на државата. Сепак, неговите овластувања се симболични и церемонијални, а тој останува политички неутрален.
Секојдневно добива дневни депешеа во црвена кожна кутија, како што се брифинзи пред важни состаноци или документи што мора да ги потпише.
Премиерот обично се среќава со кралот во среда во Бакингемската палата за да го информира за владините активности. Тие средби се целосно приватни и нема официјална евиденција за тоа што е кажано.
Кралот има и голем број парламентарни функции:
- Формирање влада - лидерот на партијата што победува на општите избори обично е поканет во Бакингемската палата, каде кралот формално одобрува формирање влада. Кралот и формално ја распушта владата пред општите избори - Државно отворање и Говор на кралот - Кралот ја започнува парламентарната година со церемонијата на државното отворање. Тој ги истакнува плановите на владата во говорот од тронот во Домот на лордовите - Кралска согласност - кога предлог-законот е одобрен од парламентот, тој мора да биде формално одобрен од кралот за да стане закон. Последен пат кралска согласност беше одбиена во 1708 година.
Тој обично го предводи годишниот настан за Потсетување, што се одржува во ноември во Кенотаф, Лондон. Покрај тоа, кралот е домаќин на достоинственици во посета - како што е јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса - и се состанува со странски амбасадори и високи комесари стационирани во Обединетото кралство.
За својата прва државна посета, Чарлс ја посети Германија, каде што стана првиот британски монарх кој се обратил пред германскиот парламент.
Кралот е и шеф на Комонвелтот, асоцијација од 56 независни држави и 2,4 милијарди луѓе. За 14 од овие држави, познати како кралства на Комонвелтот, тој е и шеф на државата.
Камила, сопруга-кралица, му помага на кралот во неговата работа и исто така ги извршува своите јавни должности во име на 90-те добротворни организации што ги поддржува.
Многу од нив се занимаваат со здравје и благосостојба и работат со луѓе кои биле силувани или сексуално нападнати.
Што ќе се случува на крунисувањето?
За време на церемонијата во Вестминстерската опатија, кралот ќе биде крунисан заедно со сопругата-кралица.
Тоа е англиканска религиозна служба што треба да ја води надбискупот од Кентербери.
Монархот се помазува со „свето масло“ и добива топче со крст и жезол, кралски симболи.
Во кулминацијата на церемонијата, надбискупот на главата на Чарлс ќе ја постави круната на свети Едвард - круна од чисто злато, која датира од 1661 година. Таа има централно место меѓу Крунскиот накит во Лондонската кула и монархот ја носи само во моментот на крунисувањето.
За разлика од кралските венчавки, крунисувањето е државен настан - го плаќа владата и на крајот таа одлучува за списокот на гости.
Кој друг е во кралското семејство?
Принцот Вилијам е најстариот син на кралот Чарлс и неговата прва сопруга, покојната принцеза Дијана. По смртта на кралицата, тој стана принц од Велс и војвода од Корнвол, а ја задржа и својата претходна титула војвода од Кембриџ. Оженет е со Кетрин, принцезата од Велс и војвотката од Корнвол и Кембриџ. Тие имаат три деца: принцот Џорџ, принцезата Шарлот и принцот Луис.
Кралската принцеза (принцезата Ана) е второто дете и единствената ќерка на кралицата. Таа е во брак со вицеадмиралот Тимоти Лоренс. Таа има две деца со нејзиниот прв сопруг, капетанот Марк Филипс: Питер Филипс и Зара Тиндал.
Војводата од Единбург (принцот Едвард) е најмалото дете на кралицата. Оженет е со војвотката од Единбург (Софи-Рајс Џонс). Тие имаат две деца: Лејди Луиз Виндзор и Ерл од Весекс (Џејмс Маунтбатен-Виндзор).
Војводата од Сасекс (принцот Хари) е помладиот брат на Вилијам. Оженет е со војвотката од Сасекс (Меган Маркл). Тие имаат две деца: принцот Арчи и принцезата Лилибет. Тие објавија во 2020 година дека се повлекуваат како високи членови на кралското семејство и се преселиja во Калифорнија.
Како функционира наследувањето?
Линијата на наследување го одредува членот на кралското семејство кој ќе ја преземе функцијата монарх кога актуелниот ќе умре или абдицира.
Првиот во редот за престолот - престолонаследникот - е најстарото дете на монархот.
Како првородено дете на кралицата Елизабета, Чарлс станал крал веднаш по смртта на неговата мајка, а неговата сопруга Камила станува сопруга-кралица.
Правилата за кралско наследство беа променети во 2013 година за да се осигура дека синовите повеќе нема да имаат предност во однос на постарите сестри.
Наследникот на кралот Чарлс е неговиот најстар син, принцот од Велс.
Најстарото дете на принцот Вилијам, принцот Џорџ, е втор по ред за тронот, а неговата најстара ќерка, принцезата Шарлот е трета. Принцот Луис е четврти, а принцот Хари е петти