Во преговарачката рамка за Македонија, како за ниедна друга земја аспирант за ЕУ, покрај копенхашките критериуми, внесен е и Договорот за добрососедство со Бугарија како и годишна ревизија или извештаи на историската комисија. Тоа всушност значи дека историчарите од Македонија ќе мора да потпишат се што ќе им сервираат нивните колеги од Бугарија, во спротивно, нема да има продолжување на преговорите, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во интервјуто за телевизија Канал 5.

- Јас ви гарантирам дека и утре да се смени Уставот, за 6 месеци ќе има ново вето од Бугарија за Македонија. Од ова исто студио кажав дека и Зоран Заев да го смени името, Македонија нема да почне преговори со ЕУ и за жал така и се случи, вели Николоски.

Според него, корупцијата и криминалот кои доминираат во Македонија се главна причина за непочнување на преговори со Европската Унија.

- Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ кога ќе воведе функционален систем за владеење на правото и кога ќе почне силна битка против криминалот и корупцијата. Замената на владеењето на правото со прифаќање дека нашиот јазик е бугарски дијалект и дека нашиот народ има корени од бугарскиот е само обид да се остане некој ден плус на власт. Сведоци сме под притисок на меѓународната заедница, Петков и Борисов договорија влада во Софија. Тој притисок од нив, во врска со ветото кон Македонија, не го видовме, додава Николоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/05/2023 20:49