Претседателот на Врховната изборна комисија на Турција Ахмет Јенер изрази желба вториот круг од претседателските избори да биде од корист за државата и турскиот народ, јавува Анадолија.

Јенер гласаше на избирачко место во училиште во Анкара, а потоа се обрати пред новинарите. Граѓаните, како што рече, покажале голем интерес за изборите во земјата и странство во вториот и првиот круг. - Сакам резултатите од изборите да бидат од корист за турскиот народ, турската демократија, политичките партии и претседателските кандидати. Изборите досега се одвиваат без никакви проблеми, рече Јенер.

На прашањето кога би можеле да бидат објавени изборните резултати по вториот круг од претседателските избори, Јенер рече дека резултатите може да се знаат порано во споредба со првиот круг.

Избирачките места во Турција беа отворени утринава во 08:00 часот по локално време (7:00 часот по средноевропско време), со што започна гласањето во вториот круг од претседателските избори во земјата.

Повеќе од 64 милиони граѓани на Турција со право на глас во вториот круг избираат меѓу актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган и кандидатот на опозициската коалиција, Кемал Киличдароглу. Во вториот круг од изборите право на глас ќе имаат дополнителни 47.523 гласачи, кои во меѓувреме наполниле 18 години.

Во првиот круг од изборите одржан на 14 мај, Ердоган освои 49,5 отсто од гласовите, а лидерот на турската опозиција Кемал Киличдароглу собра 44,89 отсто од гласовите



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2023 13:25