Овошјето и зеленчукот се безбедни, а резидуи од метали и тешки метали во доматите и краставиците нема, соопшти денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски.

Сите анализи се негативни, рече Бабовски на прес-конференција и потенцира дека ширење лажна паника и тревога е кривично дело. Дали за тоа АХВ ќе поднесе пријава, ќе се знае, додаде, наредните денови.

-Негативни се сите резултати за наводни резидуи од метали или присуство на тешки метали во овошјето и зеленчукот. Не знам која беше целта да се шири паника меѓу граѓаните. Изгледа некој некого излажал или некој помешал микро и милиграми, рече Бабовски, одговорајќи на новинарски прашања.

Тој порача дека кога се излегува да се каже нешто во јавноста, тоа треба да биде точно и вистинито.

Пред два дена Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ на својот фејсбук профил сподели информација според која олово, кадмиум и арсен се пронајдени во домат и краставица. Тоа, како што наведе Трипуновски, го покажуваат најновите извештаи за анализи направени од Државната фитосанитарна лабораторија.

За жал, некој се декларира како демохристијан, а на верски празник излегува со неточни податоци. Тоа за мене е нонсенс. Ќе мора да преземеме одредени активности за да се заштитат, пред се, граѓаните. На мене, на луѓето од АХВ и нa професионалците кои си ја вршат работата, нечие извинување не ни значи ништо. Ако некој некому треба да се извини, тогаш треба да им се извини на граѓаните. Подобро од точна информација нема. Ниту едно обвинителство, ниту една постапка, ниту која било кривична пријава не може да го исправи она што беше проширено како паника, рече Бабовски.

Директорот објасни дека ако при увоз се откријат позитивни пратки, тие веднаш се ставаат под надзор. Право на увозникот и економскиот оператор е да побараат „второ мислење“, односно друга лабораторија во која со акредитирани методи ќе се изврши испитување. Притоа, доколку се добијат различни резултати или со тоа увозникот/операторот не е задоволен, има право и на супер-контрола. Доколку, пак, се добијат позитивни резултати за производи во домашниот, внатрешен промет, има начин за следливост.

-Имало и ќе има, и негативни и позитивни резултати. Последен пример што покажа позитивен резултат за резидуа од пестициди, беа портокали увезени од Египет. Но, не се дозволи тие воопшто да влезат во промет. Ставени се под надзор, увозникот има право на втора контрола и супер-контрола. Откако ќе ги добиеме точните резултати, тогаш пратката и сите такви пратки, одат или на нештетно уништување (депонија) или ако земјата извозник се согласи, се враќаат назад. Во никој случај не завршуваат на нашиот пазар. Кога, пак, ќе се најдат позитивни резултати во внатрешен промет, има начин за следливост - да се види од каде е тој производ, дали е домашен или од увоз. Не е добро да се дискретидира која било држава или кој било економски оператор, која било институција, без точни и проверени резултати. Имаше и на Ветеринарен факултет случај кога граѓанин однел на испитување домати во кои се најдени резидуи. Но, граѓанинот не постапил законски. Ако се сомневал, требало да поднесе претставка до АХВ, а нашиот инспектор по службена должност ќе го однел на испитување примерокот. Тогаш се добива правно валиден резултат зашто никој не може да знае што се случувало од пазарот до лабораторијата и притоа, не можеме никого да обвинуваме, подвлече Бабовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/06/2023 12:49