Во борбата против организираниот криминал и корупција е неопходно да се вклучи и гласот на младите, ова е заклучокот од денешната конференција „Градење отпорност против организираниот криминал и корупцијата меѓу младите во Југоисточна Европа" во организација на Одделот за транснационални закани на Секретаријатот и Канцеларијата на координаторот за економски и еколошки активности на ОБСЕ, во соработка со Претседавањето со ОБСЕ на Северна Македонија од 2023 година (ЦИО) и Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОК).

Мара Гарабини Сеиселберг од ОБСЕ во изјава за медиуми на настанот кажа дека за да се соочиме со корупцијата и организираниот криминал, мораме да започнеме со подигање на свеста и едукација.

- Потребен е холистички пристап во кој треба сите чинители заедно да делуваат, рече таа.

Според неа, во моментов, Северна Македонија се соочува со предизвици и е потребно младите луѓе да воочат дека моменталните социо-економски услови се фактори на ризик кои мора да се третираат.

- Не можеме да имаме реактивен, туку превентивен пристап, да почнеме од училиштата, со мултисекторска соработка која што ќе го стави гласот на младите во центарот, дополни таа.

Вања Петровиќ, претставник од ГИ-ТОК, истакна дека граѓанското општество игра многу важна улога кога дискутираме за превенција од организиран криминал и корупција. Таа информираше дека проектот покрива пет земји во Западен Балкан, и тоа Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Северна Македонија

- Овој настан ни овозможува да слушнеме од носителите на одлуки кои се потребите, предизвиците, и недостатоците, со цел да можеме да ги формираме нашите идни чекори и одлуки и да го однесеме проектот во вистинска насока, рече таа.

Петровиќ кажа дека по денешниот настан, како дел од проектот кој првично трае до ноември, ќе бидат овозможени мали грантови за граѓанските организации кои ќе овозможат едукација и подигање на свеста на младите за корупцијата и организираниот криминал.

На настанот кој трае до утре во хотел Лимак, денеска имаше воведни обраќања на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, Амбасадорката на Италија во РСМ, Андреа Силвестри и Фатјона Мејдини, директорка на опсерваторијата на недозволени економии во југоисточна Европа, ГИ-ТОК.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/06/2023 13:07