Извршниот директор на Си-Ен-Ен, Крис Лихт денеска соопшти дека по една година на функцијата, ќе ја напушти компанијата, објави американската телевизија.

- Имав состанок со Крис.Тој ќе го напушти Си-Ен-Ен изјави Дејвид Заслав извршен директор на компанијата Ворнер Брос Дискавери, кои се сопственици на Си-Ен-Ен.

Заслав додаде дека работата на Лихт не е лесна и посочи на неговата „неверојатна кариера“, посакувајќи му се најдобро во иднина.

„Заминувањето на Лихт, кое дојде неколку дена откако во Атлантик беше објавен негов катастрофален профил од 15.000 зборови, ја затвори бурната година за Си-Ен-Ен, обележана со отпуштања, историски ниски рејтинзи и најнизок можен морал на вработените“, наведува Си-Ен-Ен во веста за оставката на нивниот директор.

По написот за него во Атлантик, Лихт во понеделникот им се извини на вработените, велејќи дека не се препознава себеси кога чита делови од приказната и дека му е жал што го одвлекол вниманието од работата на редакцијата. Во написот на Атлантик, објавен во петокот, сериозно се довеува во прашање проценката на Лихт, неговата способност да го води персоналот на мрежата и неговите севкупни професионални способности како извршен директор на Си-Ен-Ен.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/06/2023 05:30