Чадот што се шири од шумските пожари во Квебек и Нова Шкотска стигна до Северна Каролина и северна Европа, каде што може да остане во воздухот до викендот.

На мапите за квалитетот на воздухот, виолетова боја го означува најлошото. Во реалноста, тоа е густа, опасна магла што ја намалува видливоста и го обојува небото во портокалово.

Густиот чад од огнот, кој го обои небото во портокалова боја, ја зголеми загриженоста за можните здравствени ефекти врз луѓето изложени на таков лош воздух.

Метеорологот на американската Национална метеоролошка служба Брајан Ремзи рече дека нискиот воздушен притисок над Мејн и Нова Шкотска предизвикува чадот да се задржи наоколу „барем во следните неколку дена“.

„Условите веројатно ќе останат нездрави, барем додека не се промени правецот на ветрот или пожарите не се изгаснат. Бидејќи беснеат навистина големи пожари, таквите услови веројатно ќе траат со недели. Но, всушност се сведува на промена на правецот на ветрот, рече Ремзи.

Официјалните лица ги предупредија жителите низ источниот брег на САД да останат во затворени простории и да ги ограничат или избегнуваат активностите на отворено поради предупредувањата за квалитетот на воздухот на некои места, трет ден по ред.

Чадот се движи над Гренланд и Исланд од 1 јуни и се очекува да стигне во Норвешка денеска, соопшти норвешкиот институт за истражување на климата и животната средина, дополнувајќи дека не се очекува да претставува здравствен проблем.

Повеќе од 400 шумски пожари во Канада принудија 20.000 луѓе да ги напуштат своите домови. САД испратија повеќе од 600 пожарникари во Канада, а помагаат и други земји.

Канадскиот премиер Џастин Трудо вчера телефонски разговараше со американскиот претседател Џо Бајден, кому му се заблагодари за поддршката. Лидерите заклучија дека „неопходно е да соработуваат за справување со разорните влијанија од климатските промени“.

Канадските власти велат дека ова ќе биде најлошата сезона на пожари во земјата.

Чадот од шумските пожари лебди над САД од минатиот месец, но се засили со неодамнешните пожари во Квебек, каде од вчера горат околу 100 пожари.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/06/2023 03:51