Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за весникот „Национале“ во Косово изјавил дека не комуницирал со премиерот на Косово Албин Курти за предлог-статутот за Заедницата на општините со мнозинско српско население на Косово, нацрт што им е ставен на маса на САД и ЕУ, како и Германија и Франција.

-Сакам да бидам многу фер и во однос на моите партнери. Ова не е заговор на Албанците што го правиме заедно кого јас ќе го водам. Ова е придонес на Албанија како друга земја. Ние сме браќа, но имаме две различни земји. Албанија има своја држава, Косово има своја држава, рекол Рама.

Додал дека ставот на Албанија е 100 отсто идентичен како оној на САД и ЕУ.

-Во овој случај, Албанија е целосно усогласена со САД и ЕУ, со Франција и Германија, со ставот на она што го прават косовските власти. Албанија не може да придонесе во овој процес, освен со тоа што е многу етичка во однос на своите сојузници и сопствената позиција. Не е можно ние да играме улога да фрламе камен и да ја криеме раката, во смисла претходно да ги консултираме овие работи, а потоа да се однесуваме како да не сме ги консултирале, подвлекол Рама.

Запрашан за можноста за ескалација на ситуацијата меѓу Косово и Србија, Рама вели дека тоа е невозможно, бидејќи според него Косово е Америка.

-Ова е последното нешто што го замислувам. Има една изрека никогаш не кажувај никогаш, но мислам никогаш. За тоа кој ќе се бори на Косово? Дали Србија ќе се бори со Америка? Косово е Америка. За информација на оние кои заборавиле, Косово сè уште не е целосно суверено сè додека на негова територија има цела странска војска и сè додека не е меѓународно признаено од сите. Па, што ќе прави Србија, ќе ја нападне Америка?, подвлече Рама.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/06/2023 05:17