За Сараево, раскрсницата на културите, напишани се песни и романи. Неговиот шарм е тешко да се опише, исто како и зборовите што го карактеризираат - ќејф, мерак... Но кој и да го доживеал ова, меѓу отворените срца на градот на реката Миљацка, секогаш сака да се врати. Уживањето, меракот, малите задоволства кои ве прават среќни, предизвикуваат сетилни радости, го подигнуваат расположението и спонтано резултираат со насмевка – а, Сараево е преполно со нив.

Разгледувањето на Сараево најчесто започнува во Башчаршијата, во стариот дел на градот, од „Градска вјечница“ изградена во псевдомавриски стил или од „Себиj чешмата“ каде што улиците се уште се именувани по традиционалните занаети.

Во Башчаршијата шаренило од туристи од целиот свет и локални жители кои во своите околу 140 различни занаетчиски дуќани со векови произведуваат со ист ентузијазам како и нивните претци.

Најзастапени се кујунџиите кои во своите дуќани од бакар, сребро и злато освен накит изработуваат и ѓезвиња за кафе, ибрици, котлиња... Низ Башчаршијата тешко ќе поминете без некој да ви го филингранира името на некоја од овие занаетчиски производи.

Кога веќе сте решиле да купите нешто што трајно ќе го евоцира Сараево во вашиот дом, попатно треба да се стекнете и со знаење како преку овие предмети да пренесете дел од атмосферата.

Еден од древните мераци во Сараево е пиењето „босанско кафе“. Не на оној еспресо брз начин, туку полека, како што би се рекло натанане, уживајќи во секоја голтка, па и пред тоа преку сетилата за вид и мирис. Целиот потенцијал на сетилата подразбира и процедура, а еве како тоа го прават Сараевчани. Зрната испечено кафе прво се мелат со рачна мелница за кафе или самите тоа го правите во аван со „туцање“ на кафето со што добивате т.н дибек кафе.

Потоа одите на босанско кафе со демонстрација како правилно се подготвува и служи. Сараевчани ќе ви кажат дека има три врсти на кафе-првата е „дочекуша“, втората е муабет кафе или „разговоруша“ и третата е „сиктер“ кафе.

Нас „дочекуша“ ни направија во кафеаната „Индекс“ во уличката „Казанџилук“, во автентичен бакарен сет со ѓезве, филџани, сад со коцки шеќер и со локум. Таму не научија како да се распоредува пената од кафето, колку долго да се натопи лажица со коцка шеќер во неа, како да се испие голтка вода пред тоа, а последната голтка да се спои со локум. Кафеаната „Индекс“ го добива името по тоа што со години со бесплатно кафе ги части студентите кои тој ден со презентација на индексот добиле највисока оценка.

По кафето „дочекуша“ се упативме кон „разговоруша“, во форма на шетање по Башчаршијата, упатувајќи се до Мориќ Хан изграден на преминот на XVI и XVII век како задужбина на Гази Хусрев Бег. Тоа е единствениот зачуван сараевски караван сарај, место за сместување на трговски каравани кој можел да прими до 300 патници и 70 коњи.

–Тогаш важело златното правило. Секој што доаѓа во Сараево и престојува во нашите караван сараи и нашите анови, првите три ноќевања и три дневни оброци ги добива апсолутно бесплатно. Сараевчани сакаа трговците да ги пречекаат на убав начин, за да почвуствуваат дека се добредојдени, дека можат слободно да се движат и да работат. Со овој гест сакаа да порачаат дека ако дојдеш во Сараево и немаш пари да платиш сместување, ќе те згрижи Сараево. Првите три ноќи нема да завршите на улица, ќе бидете во топол кревет и ќе јадете топла храна, ни откри водичот Емина Ториќ и на шега кажа дека можеби од овој обичај потекнува поговорката „Секој гостин, три дена доста му е“.

Покрај Мориќ хан, во Сараево се присутни и архитектонски симболи на четири религии: џамијата Гази Хусрев Бег, еден од најзначајните споменици на исламската сакрална архитектура на Балканот. До него се наоѓа Шадрванот, а недалеку од него се наоѓаат Саат-кулата, Еврејскиот храм и Музејот на Евреите од Босна и Херцеговина, Старата православна црква, катедралата на Срцето Исусово и Латинска ќуприја.

Во Сараево немате класичен туристички дел каде одат само туристи. Каде што одат туристите, одат и локалните жители, каде што одат сараевчани, исто така одат и туристите за да го почувствуваат пулсот на градскиот живот. Во Сараево луѓето се поделени во две групи: оние кои го поддржуваат ФК Железничар и оние кои го поддржуваат ФК Сараево. Според тоа, едни јадат ќебапи кај Ферхатовиќ во Петица, а други кај Жељо. Секој од нив има свој начин на подготовка, што се карактеристика за познатите сараевски ќебапи, но она што е универзално за сите е тоа што се јадат исклучиво со кромид и кајмак, со раце и со нив се пие јогурт.

По сите овие мераци на сетилата, движејќи се по сараевските улици, посетувајќи го местото на атенататот на Гаврило Принцип врз австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинад со што започна Првата светска војна, време беше за уште еден мерак, за кафе „разговоруша“ кое одлично оди со баклава.

Го посетивме Музејот за литература и театарска уметност на Босна и Херцеговина, каде се чува и оригиналниот ракопис на нобеловецот Иво Андриќ- На Дрина ќуприја. Таму уживаме во музички и танцови изведби на КУД Башчаршија и на баклави.

Подготвувањето баклава за продажба по стари рецепти е она што ја прави сараевската баклава мерак за вкусување. Домаќините ни кажуваат дека класичната сараевска верзија на баклава се разликува од другите балкански верзии по тоа што баклавата останува полу-натопена во агда (слатка течност), додека горниот слој ја задржува својата крцкавост.

Во чардакот на Музејот, покрај традиционалната босанска музика, ни беше претставена и уникатната „џандар баклава“, која по форма не наликува на нашата баклава исечена во форма на дијаманти, но има рајски вкус. Џандар баклавата е во облик на цилиндрична ролна и е полнета со слатка павлака и ореви.

-Само неколку фамилии во Сараево прават „џандар баклава“, чиј рецепт е многу стар. Правењето е многу сложено, бидејќи се потребни три дена за да се направи. Прво рачно се развиваат јуфки и се намотуваат на оклагија по што се остават еден ден да се сушат. Вториот ден се сечат на парчиња и се остава уште еден ден да се сушат и дури третиот ден е можно да се заврши со правењето, што е мошне сложен процес, кој без љубов тешко се прави, вели Вехид Тулек, сопственик на баклава дуќанот, кој прави и други слатки, меѓу кои и кадаифот.

Сараевчани се помалку толерантни кога станува збор за уште еден мерак, а тоа е бурекот. Се чини дека без разлика што бурекот подразбира јадење од растегнато тесто со разни филови, во Сараево бурек може да се прави само со месо, а останатото со сирење или со филови од зеленчук не е бурек туку се пити.

По искачување со сараевската жичарница до врвот Требевиќ (1160 мнв), кој нуди одличен поглед на градот и натписот „Добредојдовте во олимпискиот град“, на враќање се упативме повторно во Башчаршијата до ресторанот „Под липа“ каде што дегустиравме уште еден специјалитет кој во Сараево секако треба да се вкуси, а тоа е „саган долма“. Саган е длабок метален сад направен од казанџиите, и има неколку различни јадења кои кога заедно се послужуваат се нарекуваат сараевски саган, како што се јапак сарма, полнети пиперки, ќофтиња и соган долма, а претходно се служи бегова чорба.

Од гастрономските мераци ги препорачуваме и ресторанот „Видиковец“ на брдото Змајевац со прекрасен поглед на Сараево и тренд ресторанот „Кај Сејо Брајловиќ“ на Илиџа, каде се почести посетители се дури и холивудските ѕвезди. Секако, мерак е и прошетката со „фијакер“ на популарното „Врело на Босна“ крај Илиџа со прекрасна природа или на блиската Бјелашница на Јаворов дол на „шишарковача“, бурек, „сирница и зељаница“, сараевски ќебапи и други мераци.

Дојде време и за „сиктер“ кафе, за кое домаќините за вечерно дружење, го избраа ресторанот Царева ќуприја на Башчаршија, каде го имавме најголемиот мерак- севдалинката во интерпретација на Зијад Шиповиќ, кој освен што свири хармоника и пее од ќеф севдалинка, има дипломи од Правниот и Градежниот факултет. А севдалинката оди секако со босанските специјалитети и херцеговската жилавка и блатина.

Ние, новинари од сите поранешни југословенски држави сите овие мераци немаше да ги доживееме без поканата за прес-патување од Туристичката организација на кантонот Сараево и на здружението на туристички новинари на Босна и Херцеговина, во основање.

-И Македонците го имаат тој мерак, многу сличен на нашиот, со музика и гастро понуда на пијалоци, кафе, слатки...Ја видовте сараевската душа и добронамерност, што ние го имаме во нашата култура, сите луѓе тука да се добредојдени. Сараевчани се добронамерни, ќе ви помогнат во секој момент. Едноставно ние бевме познати долги години по ова и така е и денес, вели Харис Фазлагиќ, директор на Туристичката организација на кантонот Сараево.

На нашето прашање, тој се осврна и на проблемот со немањето директна директна авио-линија меѓу Скопје и Сараево, поради што туристичките посети во двете држави се отежнати.

-Знам за овој проблем и деновиве лично со менаџментот на Аеродромот Сараево разговарав, од каде ми кажаа дека многу бргу ќе старатува авио линијата Скопје-Сараево. Веќе е договорена Тирана, Подгорица...Јас ова го барам, ние вложуваме во тоа и финансиски средства и барам од владата и политичарите да вложуваат средства за авио линии, особено за блиски географски држави, бидејќи сме свесни дека без директни авио линии нема да имаме туризам. Македонските туристи доаѓаат во се поголем број во Сараево и се надевам со воведувањето на оваа авио линија ќе имаме поинтензивна рамена на туристи во двата правца, изјави Фазлагиќ.

Оливер Бранковиќ



Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2023 16:41