Голем и важен момент што се раѓа од вакви катастрофи како земјотресот во Скопје е чувството на солидарност, чувството на меѓународна солидарност помеѓу самите земји, што е и важен европски момент, вели Стефано Стефанини, специјален пратеник на Италија за кандидатурата на Рим за ЕКСПО2030.
-Драго ми е што сум овде, зашто денеска е посебен ден, 26 јули, 60 - годишнината од земјотресот во Скопје кој што навистина го потресе и го разурна градот до темели. Јас бев многу мал, но се сеќавам на целосната емоција која ја пренесоа медиумите во светот и кај нас, и навистина се радувам што ете, после толку време го наоѓаме градот обновен, убав, град кој што е во постојан и континуиран развој и навистина би сакал да додадам дека ова и за нас многу значи, го чувствуваме, затоа што и Италија како и Северна Македонија се наоѓа на истата сеизмичка тектонска плоча и можеме најдобро да ве разбереме, со оглед дека се соочуваме со истите појави и кај нас. Секако, еден голем и важен момент што се раѓа од вакви катастрофи како земјотресот тоа е чувството на солидарност, чувството на меѓународна солидарност помеѓу самите земји што е и важен европски момент, вели Стефанини, кој подвлекува дека токму таа блискост, тоа меѓународно заедништво и чувство за солидарност е и еден од мотивите што денеска е тука во земјава.
Повод за посетата на италијанскиот дипломат е и да обезбеди поддршка од земјава за кандидатурата на Рим - италијанската престолнина, за домаќин на WORLD EXPO2030 година.