Зголемен е бројот на лица кои конзумираат алкохол и дрога, особено кај помладите, покажуваат податоците што за МИА ги споделија од Токсиколошкиот информативен центар при Универзитетската клиника за токсикологија во Скопје.

Во првата половина од годинава евидентиран е пораст од 13,5 проценти на алкохолни труења во споредба со истиот период минатата година, додека кај злоупотребата на дрога забележано е зголемување од 281 процент споредбено со првата половина лани.

- Застапеноста на акутните интоксикации со алкохол и дроги е со позитивен тренд во последните години, кој се одржува дури и во периодот на пандемија, но, тој пораст во 2023 година станува уште позначаен. Во 2022 година, акутни интоксикации со ПАС, поединечно или во комбинација со алкохол се зголемуваат за 104 отсто, споредено со 2021 година. Во првата половина на 2023 година е евидентиран пораст на алкохолните труења за 13,5 проценти, споредено со истиот период минатата година, велат од Токсиколошкиот информативен центар за МИА.

Од Центарот откриваат дека најмногу се третираат акутни интоксикации со кокаин, кои се застапени со над 30 проценти од сите акутни труења со дроги, а во последно време најчесто се во комбинација со алкохол.

- Алкохолот силно го потенцира дејството на кокаинот и ја прави клиничката слика на овие состојби уште посериозна, со потенцијал за развој на фатални компликации како акутен миокарден инфаркт или мозочно васкуларно страдање, нагласуваат од Токсиколошкиот информативен центар.

Оваа година во Центарот се пријавени два случаи на употреба на дрога кај деца под 14 години, односно кај возрасната група од девет до 14 години, во текот на јуни, што не било случај во претходните три години во истиот период.

Пораст на акутните алкохолни интоксикации во јули

Податоците со кои располага Центарот при Универзитетската клиника за токсикологија покажуваат дека во јули годинава има пораст на акутните алкохолни интоксикации за 65,2 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Кај малолетниците под 14 години и од 15 до 19 години, минатиот месец е регистриран пораст од 100 отсто споредено со јули лани, а кај возрасните од 20 до 74 години забележан е пораст од 73,7 проценти.

Во 2022 година, акутните труења со етил алкохол биле на првото место според застапеноста во вкупниот број на труења и имало зголемување од 28,4 проценти во споредба со 2021 година.

Злоупотреба на дроги во јуни за 375 отсто поголема од лани

Од Центарот укажуваат дека злоупотребата на дроги во првата половина на годинава е зголемена за 281 отсто, споредено со првата половина на 2022 година. Само во јуни забележуван е пораст од 375 проценти, а во јули за 54,5 отсто, споредено со истиот период во 2022 година.

Во текот на јули најголемо зголемување на употребата на дроги има кај возрасната популација над 20 години и тоа за 54,5 проценти, а нема значајно зголемување кај популацијата под 19 години.

Овој податок, велат од Информативниот токсиколошки центар, треба да се интерпретира во рамки на движењата на луѓето во тек на летните одмори, кога голем дел се надвор од местото на живеење.

- Алкохолните акутни интоксикации и злоупотребата на другите психоактивни супстанции годинава се најмногу застапени во јануари, како и во пролетните месеци март, април, мај, за да во летните месеци благо се намалуваат, како резултат на годишните одмори и патувањата надвор од местото на живеење. Во месец јули регистриран е пораст на акутни алкохолни интоксикации за 65,2 проценти, споредено истиот период минатата година, посочуваат од Токсиколошкиот информативен центар.

Податоците на Центарот укажуваат дека конзумирањето на алкохол и дрога е позастапено кај лицата од машки пол.

Блаже Дарудов



Автор: Администратор
Објавено на: 20/08/2023 17:21