Македонија игра многу важна улога во процесите во регионот, изјави заменикот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Во Интервју за Гласот на Америка тој изрази загриженост поради тоа што Западниот Балкан се развива во „две брзини“.

- Од една страна има членки на Северноатлантската алијанса кои се многу посветени на својот НАТО и европски пат. Тука се и преостанатите три кои се борат со потешкотии. За време на моите средби со нив, доследно им пренесував дека САД го поддржуваат нивниот евроатлантски пат. Би сакале и сакаме сите тие да ги решат внатрешните и регионалните разлики што ги спречуваат да напредуваат, потенцира соговорникот на Гласот на Америка.

Прецизирајќи го одговорот, тој укажа на, како што истакна, важната улога на Северна Македонија во актуелните процеси.

- Ние сме им благодарни за нивното регионално лидерство, и за нивното проевропско предводништво. Како претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), мислам дека Северна Македонија постојано се докажува како одличен партнер. Во оваа смисла, би сакале да ја видиме и во Европската Унија. Албанија имаше одличен пристап кон членството во Советот за безбедност, во билатералните односи, како и со НАТО“, појасни Ескобар.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2023 15:23