Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска остварил средба со амбасадорката на САД во земјава Ангела Агелер, на која е разговарано за актуелните политички и економски случувања во земјата, но и за напорите што се вложуваат за имплементација на реформите во управувањето со јавните финасии и борбата со корупцијата.

-Република Северна Македонија се наоѓа во значајна фаза да ја покаже зрелоста и да продолжи по патот за полноправно членство во ЕУ. Преговорите со ЕУ се отворени и треба да ја искористиме секоја можност тој пат да го изодиме чекор по чекор што поскоро, зашто бенефитите од членството во ЕУ се многубројни и за државата и за граѓаните. Во остварување на оваа наша цел, значајна поддршка имаме од нашиот долгогодишен партнер и поддржувач САД, особено преку поддршката што ја даваат во реформите што ги спроведуваме, истакнал Бесими.

Како што информираат од Министерството за финансии, тој потенцирал дека посветено се работи на обезбедување фискална одржливост, стабилни јавни финансии и долгорочен раст и дека се преземаат повеќе чекори за тоа да се реализира.

Се заблагодарил на САД за безрезервната поддршка што ја дава на земјава во нејзинот развој и особено за поддршката од Трезорот на САД чии експерти се веќе во Министерството за финансии со цел зајакнување на капацитетите на секторот Трезор.

-Континуирано работиме на јакнење на сопствените капацитети со цел да придонесеме кон унапредување во упраувањето на јавните финансии. Минатата година за таа цел го донесовме и новиот Закон за буџети кој претставува најголема реформа во јавните финансии од осамостојувањето на државата и кој поставува правила кои се согласно европските стандарди, се наведува во соопштението од Министерството за финансии



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2023 15:41