Топењето на глечерите во Швајцарија за време на третото најтопло лето во земјата досега значи дека тие изгубиле мраз за две години колку и во трите децении пред 1990 година, се наведува во извештајот, во кој загубите во обемот на глечерите се опишани како „катастрофални“.
„Оваа година беше многу проблематична за глечерите бидејќи имаше многу малку снег во зима, а летото беше многу топло. Комбинацијата на овие два фактори е најлошото што може да им се случи на глечерите“, изјави Матијас Хус, шеф на Глечер Мониторинг Швајцарија (ГЛАМОС).
Повеќе од половина од глечерите на Алпите се во Швајцарија, каде температурите двојно се зголемуваат од глобалниот просек поради климатските промени.
Годинава ниските нивоа на зимски врнежи од снег во комбинација со раниот почеток и доцниот крај на летната сезона на топење предизвикаа големи загуби, објави ГЛАМОС.
Во август, месецот на најголемото топење, Швајцарската метеоролошка служба соопшти дека висината на која врнежите замрзнуваат во текот на ноќта достигнала нов рекорд - 5.289 метри. Ова е надморска височина поголема од Мон Блан, највисокиот врв на Алпите и Европа. Ова го надмина минатогодишниот рекорд од 5184 метри.