Граѓаните да им веруваат на институциите, а не на изјавите што ги даваат некои политичари за дневно собирање политички поени, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши во врска со обвинувањата на Цветан Трипуновски дека во продавниците има над 20 тони трајно млеко од Србија со афлатоксин.

Одговорајќи на новинарски прашања по посетата на „Бимилк“, Бектеши напомена дека веќе ја споделил информацијата на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) преку својот фејсбук профил.

-АХВ е најкомпетентна институција за тоа во државата и јас имам целосна доверба во тоа што го кажува, а и граѓаните треба да им веруваат на институциите, а не на изјави што ги даваат политичари за некаква придобивка или за дневен интерес и собирање политички поени, потенцира Бектеши.

Трипуновски пред три часа на фејсбук објави дека „на 21 септември оваа година во Македонија се увезени преку 20 тони трајно млеко од Србија, со рок на важност до 3 февруари 2024 година“ и дека ова млеко е пуштено во промет иако во него детектиран афлатоксин М1 над максималното дозволено ниво.

Веднаш реагираше АХВ, која ја демантираше ваквата информација, нагласувајќи дека Трипуновски повторно лажно шири паника.

-Млекото со афлатоксин се враќа во Србија. Граѓаните да бидат спокојни зашто „канцерогено” млеко со афлатоксин по потекло од Србија, како што тврди Трипуновски, на полиците во маркетите нема. Неосновано ширење паника и доведување на граѓаните во заблуда е последната објавена вест на Трипуновски, дека на рафтовите во продавниците се пласирани над 20 тони трајно млеко од Србија со афлатоксин М1 над максимално дозволените концентрации, наведе АХВ.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/09/2023 16:03