На дебатата на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани посветена на европските интеграции и уставните измени во рамките на акцијата „Важно е! Од тебе зависат промените!“, универзитетскиот професор Александар Спасеновски истакна дека уставните прилагодувања се природна појава бидејќи државите не се статични, односно тие еволуираат и дека тоа не е особеност само за Македонија туку за целиот свет.

„Сепак, поентата на ваквите процеси со кои тектонски се менува поредокот е да се зајакнат институциите, а не да се ослабнат. Преку уставните измени до сега на најсликовит начин може да се забележи како и во кој правец еволуирала Македонија од 1991 до денес. Македонија нестабилна и со неизвесна иднина во деведесеттите години на 20 век наспроти Македонија денес која со сите слабости и проблеми е држава-членка на НАТО и има амбиција за скорешна интеграција во Европската унија“, изјави професорот Спасеновски.

Според Спасеновски константа во однос на големите теми е немањето на единство помеѓу најважните политички и етнички фактори во Македонија, што претставува голем проблем заради кој недостасуваат поголеми државни успеси.

„Сите политички измени, сите уставни измени кои што беа правени како резултат на политички притисоци се карактеризираа со силен недостаток на политичко единство, се карактеризираа со голема политичка поларизираност во која што, страната која што ги правеше уставните измени, строго се залагаше за нив, наспроти страната или партиите кои беа во опозиција кои што се противеа во однос на таквите уставни измени, рече професорот Спасеновски



Автор: Администратор
Објавено на: 05/10/2023 05:26