Власта на ДУИ и СДСМ е штетна за граѓаните, штетна за стопанството, штетна за државата. Секој ден со овие две партии е трагикомедија.
Најнoвата претстава од Илинденска број 2 е поврзана со цените на прехранбените производи. Имено, во текот на минатата недела, поточно во четвртокот Владата ја донесе листата на производи кои треба да се оданочуваат со 10% ДДВ наместо 5%. Тоа е трагичниот дел, затоа што во услови на највисока инфлација во изминатите децении, Власта го покачува данокот за 100%. Сега ќе ви го кажам и комичниот дел. Во листата на производи што од денес ќе биде со 10% наместо 5% ДДВ се наоѓаат и прехранбени производи кои се со замрзнати цени до 30 ноември оваа година.
Значи министрите во неколку дена за едни исти производи ги замрзнаа цените бидејќи се основни прехранбени производи, а во исто време ги ставија и на листа на луксузни производи. Има ли капетан на бродот или сидрото силно влече напред, ама кон дното?
Се обидовме да ги разубедиме колегите пратеници од СДСМ и ДУИ да не ги поддржат измените на законот за ДДВ предложени од Владата, но за жал нивната волја е киднапирана од извршната власт. Со измените на Законот се предвидува да ви се земат десетици милиони евра поради покачено ДДВ на храна.
Пред мене имам листа на прехранбени производи кои Власта смета дека се луксуз и за кои ќе плаќате двојно повисок данок.
Тука нема перка од ајкули, месо од делфин, кит ама замрзнатите теста, млечни и сирни намази, сирење и урда, зденка, пармезан, ајдемер и гауда кашкавал, павлака за готвење, растителните сирења и намази ќе бидат дополнително оданочени. Поскапи ќе бидат и лутеницата, цвеклото, фефероните, мајонезот, сите видови апетисани, компоти, конзервирана храна, полнети макарони, тортиљи и нудли станаа луксуз според Ковачевски, па народот ќе треба да ги плаќа поскапо.
Поскапува и храната за децата, како гризот, овесните снегулки, муслите, сладоледот, еурокремот, сите видиви бонбони, чипсот, сите чаеви, тропското овошје, сите видови сушено овошје, сусамот, сончогледот, инстант кафињата, наполитанките, црниот бибер, мастиките, најголем дел од зачините.
Ова се производи од секојдневието на секој од нас, кои Власта одлучи да ги поскапи. Живее во време на двоцифрена инфлација изминативе две години која е особено висока кај храната и надминува 30%, а кај некои прехранбени производи и над 50%.
Ја повикуваме Владата уште денес да свика седница и да си ја корегира листата и сите производи кои се дел од секојдневието на граѓаните да ги врати со стапка на ДДВ од 5%.
За крај би сакал да истакнам дека е неопходно час поскоро оваа власт да биде заменета, затоа што нивната неспособност ја плаќаме секојдневно.