На сите анкети топ-тема за сите граѓани е економијата и сите поттеми – слаб стандард, ниски плати и пензии, инфлација... Сето тоа конвергира кон економијата, повеќе од 30 отсто од граѓаните велат - тоа е тоа. За да имаме стабилна економија мора да имаме пред се систем кој ќе обезбедува правна сигурност за секој, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за „Фокус“.

Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со детални потези. Според него, за решавање на проблемот со корупцијата треба и да им се дадат одврзани раце на чесни обвинители и судии и ќе се знае кој како што стекнал. Нагласи дека треба да се обезбеди правна сигурност, по што, како што рече, ќе дојдат инвестициите, а на инвестициите им треба работоспособно население, значи треба да се занимаваме со здравството, со образовниот процес.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочува дека во образованието треба сериозна анализа и реформа, а во здравството нема стратегија. - Поради немањето стратегија во овие шест години во здравството се доведовме во ситуација готов проект за нов клинички да се растури и денес да сме пред арбитража со големи суми на пенали на фирмата чиј договор беше раскинат од страна на владата. Потоа ќе правеа во Визбегово, па не во Визбегово туку накај Сарај, вели Мицкоски.

Мицкоски потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори против секој обид за криминал и корупција. - До нас стигнаа многу информации за многу сомнежи за сторен криминал на ДУИ и функционери на ДУИ и ние сме должни тоа да го објавиме и да се бориме против тоа, рече Мицкоски, додавајќи дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ги води институциите, ќе го истражат сето ова.

- Граѓаните одлучуваат каква ќе биде идната влада, но нашата желба е ДУИ после 20 години да помине четири години во опозиција, за да може да се реформира, реструктуира, да се освежи кадровски, за да може по четири години да настапи на избори, изјави Мицкоски.

На прашањето дали верува дека албанската опозиција има капацитет да го порази ДУИ, тој смета дека обединета опозиција кај албанските политички партии има голем капацитет да ја победи ДУИ.

- Дали тоа ќе се случи не знам. Но, за жал, после оваа изјава тие ќе бидат предмет на кампања од ДУИ дека ВМРО-ДПМНЕ застанува до нив, зборува позитивно за нив, а не за ДУИ, и тоа може да биде прогласено за антиалбаски гест. Но, ова е антикриминален гест, ништо повеќе, рече Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2023 06:41