Како одредена власт или политичка опција се однесува кон културата, тоа го дефинира и нејзиниот однос кон вредностите и уште поважно кон иднината на земјата, како што нашиот концепт е за европски вредности и европска држава, нашиот концепт е за европска култура, истакна заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска на денешната партиска трибина во Гостивар.

Таа посочи дека по тоа СДСМ се разликува од концептот на опозицијата, која 11 години ја заробиле културата.

- Се потрошија речиси една милијарда евра за споменици, барок и стиропор во центарот на Скопје додека системски се уништуваше културата. Видовме политички обид за културен инженеринг, упад во културното и идентитетско наследство. Немаше сегмент од културата којшто ДПМНЕ не го остави во катастрофална состојба, рече Лукаревска.

Оцени дека денес се демократизирани културните процеси, вратени се професионалните стандарди во институциите, ослободени се креативните процеси за сите уметници и дека се подобрени условите за работа и унапреден животниот стандард на вработените во културата.

Со политиките на СДСМ, како што рече, македонскиот јазик, култура и посебност се на исто рамниште со европските јазици.

-Со државничките одлуки што ги носиме, потврдивме и осигуравме и европско и светско признание на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Ова беше година на заштита на македонскиот јазик. СДСМ е горд за се она што го има направено за заштита, унапредување и признавање на македонскиот јазик, истакна Лукаревска.

Директорката на Заводот и музеј Битола, Мери Стојанова потенцираше дека во заштита на културното наследство во изминатите неколку години е направено најмногу, потенцирајќи го како исклучително важен проектот за конзервација и реставрација на манастирот во Курбиново.

-Во изминатите шест години вредно е за споменување се она што е направено за заштита на културното наследство. Но, еден од најкомплексните проекти е секако конзервацијата на архитектурата, реставрација и заштитата на манастирот „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, најстарата наша црква. Самиот објект по себе е исклучително вреден и проектот е со целосна поддршка на Министерството за култура и Владата. Ѕидното сликарство исто така е опфатено со овој проект. Тој проект е во напредна фаза, наскоро привршува и наскоро ќе го видиме во вистинско светло, рече Стојанова.

Директорката на Музејот Охрид, Ирина Шајн рече дека сите стручни лица неуморно работеле не само на зачувување на статусот на УНЕСКО на Охридскиот регион, туку и да се придвижат работите кон подобро.

-Успеавме да го зачуваме Охрид автентичен, а езерото и натаму да е нашиот најубав бисер. Tокму преку УНЕСКО, нашиот Завод и Музеј користи донација за создавање на ГИС платформа за недвижното културно наследство и археолошките локалитети од Охридскиот регион со што ќе се обезбеди ВЕБГИС база на податоци којашто ќе може да ја користи и пошироката јавност, а ќе се потхранува со податоци за недвижното културно наследство и заштитените археолошки локалитети собрани и документирани, рече Шајн.

На трибината се обрати и потпретсеталката на СДСМ и министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска која посочи дека помина времето кога се зголемувале платите по телефон на културните работници, своеволно и како и со какви профили се унапредувале.

-Воведовме ред и во начинот како ќе се инвестира, нема повеќе инвестирање само во главниот град. Оваа година стапката за капитални дотации до Единиците на локалната самоуправа, за прв пат изнесуваше 40 милиони денари. Девет општини со своите специфични проекти ќе, ќе придонесат во развојот на културата и во малите градови, не само во големите општини и главниот град“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа во своето обраќање укажа дека слоганот „Култура за сите, култура пред сè“, е карактеристичен за социјалдемократски политики, кои ја одразуваат посветеност на Владата предводена од СДСМ за зачувување, афирмација и промоција на богатото културно наследство, и дома и надвор од нашата земја.

-Покажуваме на дело што значи патриотизам и како се слави и величи ликот и делото на најзаслужните за нашиот убав македонски јазик и богато литературно творештво. За нив беше џуџе, ЏИНОТ ОД НЕБРЕГОВО, Блаже Конески. За нас е великан и затоа Министерството за култура преку Советот за македонски јазик поведе иницијатива родната куќа на Блаже Конески во Небрегово и училиштето каде што учел да се прогласат за „Културен комплекс Блаже Конески“, додаде Костадиновска-Стојчевска.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/10/2023 20:39