„Некогаш Македонија важеше за бренд кој што комплетно ги задоволуваше потребите за храна, зборуваме за зеленчук, овошје, месо итн. А, денеска гледаме дека во 2022 година преку 700 милиони евра се потрошија наши пари за увоз на храна за да се задоволат домашните потреби. Тоа е затоа што градинарите, сточарите и било која гранка од земјоделството во Република Македонија бележи сериозен пад и се помалку за жал имаме македонски производи, а се повеќе имаме увозни неквалитетни и скапи земјоделски производи кои што граѓаните ги конзумираат“, појасни Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ во утринската емисија на Алфа телевизија.

Трипуновски посочи дека поради лошите политики на Владата и министерството Македонија стана еден вид на депо за неквалитетна храна бидејќи се увезува со сомнителен квалитет, додека македонскиот производ и македонскиот земјоделец се во фаза на исчезнување.

„Обелоденивме низа на скандали за зеленчук со пестициди, и млеко со афлатоксини. Македонија стана некакво депо за неквалитетна храна која што завршува на нашиот пазар. А, квалитетниот македонски производ и македонскиот земјоделец се во фаза на исчезнување затоа што едноставно нема рентабилност, нема иднина. Министерството и Владата немаат стратегија, нема директна помош која што реално ги помага земјоделците за да произведуваат и нормално да ја прехранат нацијата“, појасни Трипуновски.

Тој додаде дека во ек на короната Владата и министрите излегува и ги молеа земјоделците да произведуваат храна, кога имаше дефицит на прехранбени производи. Но, тоа траеше неколку месеци. Кога заврши кризата со корона, повторно земјоделците никој од власта не ги ставаше во уста и не им се дава сериозна поддршка со цел да ги стимулира да произведуваат производи.

„Сведоци сме дека имаме скапо производство заради светските трендови на нафтата, на вештачките ѓубрива, препаратите на заштита на растенијата, меѓутоа во тој момент никој од актуелните функционери, министерот, Владата не интервенираше за да имаме евтино производство“, рече тој.

„Ние како ВМРО-ДПМНЕ поднесовме предлог за намалување на акцизата на нафтените деривати за да можеме да имаме евтино земјоделско производство. Преку интервентниот фонд кој што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата го ставија во Буџетот за 2022 година и апелиравме да тој интервентен фонд да се намене за да имаме евтино производство. Не се интервенираше кога треба, значи власта не ги послуша нашите повици за да имаме некакво насочено делување и за разлика од тоа имавме скапо производство“, рече Трипуновски.

Тој рече дека поради лошите политики на власта и министерството бројот на земјоделци е драстично намален. Ако во 2014, 2015 и 2016-та во Регистарот на министерството имало преку 85.000 регистрирани земјоделци, денеска има едвај 65.000. Тие околу 20.000 граѓани денес се или социјални случаи или се надвор од државата.

„А, тоа значи дека Македонија ќе стане се повеќе увозно зависна, и овие ресурси кои што ги имаме на располагање нема да се искористуваат затоа што нема кој да работи. Младите луѓе ги напуштаа селат, градовите, се испразнува Македонија. А, оние земјоделци кои што останаа се повозрасна категорија“, појасни Трипуновски.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/10/2023 13:28