Креирањето штапски анкети што ги лиферуваат некои медиуми блиски до власта е проблем на владејачките партии и го покажува нивниот страв и паника, а вистинските бројки се откриваат при соочувањето со народот на избори. Затоа ги повикувам што поскоро да се одржат избори, бидејќи од таа анкета нема бегање, порача денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од општина Ново Село.

-Јасни се мерењата на јавното мислење и ВМРО-ДПМНЕ има повеќе од два пати поголема предност во однос на СДСМ што е историски најголема и досега не се случило опозициска партија да има толкава предност во однос на владејачка партија, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на селото Борисово во општина Ново Село.

Нагласи дека е јасна и разликата во квалитет, понуда и испорака.

Најави дека ВМРО-ДПМНЕ кон крајот на јануари или на почетокот на февруари ќе ја започне официјалната постапка за избор на кандидат за претстојните претседателски избори во државава.

-Официјалната постапка ќе биде на почетокот на јануари зашто очекувам во втората половна на март, првата половина на април или во април да биде редовниот рок на претседателските избори. Партиската конвенција во ВМРО-ДПМНЕ за избор на претседателски кандидат би се случила на крајот на јануари или на почетокот на февруари, рече Мицкоски и додаде дека има многу заинтересирани кандидати.

Многумина, како што кажа, дошле и изразиле своја желба да бидат поддржани од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и да бидат кандидати за претседател на државата. Засега, додаде, се искристализирани околу 22 имиња.

-Списокот ќе биде намален во периодот што следи и очекуваме да имаме јасна претстава кој кандидат ќе биде идниот претседател на Македонија, бидејќи сум убеден, а тоа го говори и јавното мислење, дека претседателскиот кандидат кој ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг ќе има најмалку 100.000 гласа повеќе од претседателскиот кандидат на СДСМ. Затоа сум загрижен дека ќе има демотивација кај СДСМ и кај нивните коалициски партнери кои се дел од албанскиот блок. Се плашам дека тоа може да не воведе во уставна и политичка криза заради неисполнување на цензусот, истакна Мицкоски.

Затоа, како што рече, апелирал да се одржи лидерска средба која може да ја организира и претседателот на Собранието и додаде дека е подготвен на таква средба да оди во секое време, да ги аргументира своите ставови и да се фиксираат датумите за претседателските и за парламентарните избори.

Посочи дека македонска економија е во многу лоша кондиција и фаза и нагласи дека растот во првата половина од годинава е далеку од проектираниот, а индустриското производство драматично паѓа.

-Параметрите кои ги има економијата во Македонија се загрижувачки, инфлацијата е двапати поголема од онаа во еврозоната, основните прехранбени продукти се поскапени, а примањата на вработените се за пет отсто намалени во споредба со 2022 година иако номинално имаат благо зголемување. Ако под итно не се преземат чекори кои ќе значат стабилизација се плашам дека ќе има и подевастирачки сценарија, рече Мицкоски.

За ставот на премиерот Димитар Ковачевски дека има прехранбени артикли на кои им е намалена цената и за 40 отсто му порача да ја промени диоптријата.

-Можеби само тој гледа поевтинување. Или сонува или блада или треба да ја промени диоптријата. Го советувам ако сонува да се разбуди од сонот, а доколку има проблем со диоптријата можам да му препорачам добар очен лекар. Се надевам дека следниот пат подобро ќе ги гледа цените, но сега од опозиција кога ќе ја види и сопствената одговорност за она што го правеше во овој период, потенцира Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/10/2023 18:27