ВМРО-ДПМНЕ во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“, во Кичево денеска одржа дебата насловена „Образовни процеси – Мост од историјата кон иднината“.

Дебатата се совпадна со празникот празникот 11 Октомври. - Ова е значаен датум, бидејќи на 11 октомври 1941 година партизанскиот одред од 16 луѓе во Прилеп ја нападна полициската станица, го нападна затворот, ги нападна и ги прекина телефонските и електричните врски и со тоа нанесе силен удар на бугарскиот фашистички окупатор. Во Македонија се одбележува денот кога започна македонското народно востание, востанието за самостојност, за посебност, востанието кое беше континуитет на долгата борба на македонскиот народ уште од периодот на формирањето на македонската револуционерна организација, рече Ѓоргија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа, додаде Сајкоски, ова е најзначаен датум, бидејќи македонскиот народ и граѓаните на Македонија во долгиот континуитет на борба успеаја да ја донесат слободата, да ја никнат македонската држава.

-Овој датум е значаен зошто ни е и вековен и милениумски аманет за да ги споменуваме борците, жртвите, и за да се потсетуваме како сме ја добиле слободата, државата и како треба да ја браниме и градиме државата сега. И нашето Кичево е револуционерен град. Кичево е град кој е прв ослободен на 11 септември во 1943 година, Кичево е најпркосен град и во Илинден и во НОБ, кажа Сајкоски.

Тој потенцира дека историјата не може да биде предмет на какви било преговори и договори во комисии, бидејќи историјата се фактите, жртвите, сведоштвата... -Историјата ни е културниот идентитет со кој се поистоветуваме. Ние кога зборуваме за историја зборуваме за археологијата, фактите, документите, затоа ние не можеме да се откажеме од историјата, рече Сајкоски.

Претседателката на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ Весна Јаневска рече дека 11-ти Октомври е симбол за наше национално ослободување и оти е огромно значењето на историјата и на образованието во формирањето и на младите, зрели, корисни личности и за себе и за општеството и во формирањето и одредувањето на целите на една држава.

-Кога некој се обидува да ја преземе туѓата историја, значи ја презема државата и го презема народот. Тие всушност и не велат ја преземаме државата, велат нека ви стои државата ние ви ја признавме, ама не го признаваме народот и не го признаваме јазикот. И замислете која е таа Влада која има право да рече да ние ќе правиме договори во однос на нашата историја и нашиот јазик. Зошто е важна историјата? Историјата е исклучиво значајна затоа што таа се наоѓа во нашата колективна свест, во приказните на нашите баби и дедовци, ние сме тоа што тие не учеле, а сега што училиштето, наставниците и професорите се ред не учат, рече Јаневска.

Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, рече таа, историја ќе се изучува како посебен предмет за да се чуваат и негуваат не само корените туку и дрвото кое расте.

-Овие последни години во образованието се случуваат такви крахови што факт е и самите родители дома забележуваат и наставниците јавно кажуваат, децата не ги постигнуваат потребните знаења, вештини и компетенции, рече Јаневска.

На денешната дебата насловена „Образовни процеси – Мост од историјата кон иднината“ во Кичево се обрати и членот на комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, Гоце Бумбароски.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/10/2023 21:27