Ова е значаен датум, бидејќи на 11 октомври 1941 година партизанскиот одред од 16 луѓе во Прилеп ја нападна полициската станица, го нападна затворот, ги нападна и ги прекина телефонските и електричните врски и со тоа нанесе силен удар на бугарскиот фашистички окупатор и со тоа фактички во Македонија се одбележува денот кога започна македонското народно востание, востанието за самостојност, за посебност, востанието кое беше континуитет на долгата борба на македонскиот народ уште од периодот на формирањето на македонската револуционерна организација, рече Ѓоргија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ на денешната дебата насловена како „Образовни процеси-мост од историјата кон иднината“ која е во рамки на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ „Важно е! Од тебе зависат промените“.

Затоа, додаде Сајкоски, ова е најзначаен датум, бидејќи македонскиот народ и граѓаните на Македонија во долгиот континуитет на борба успеаја да ја донесат слободата, да ја никнат македонската држава.

„Овој датум е значаен зошто ни е и вековен и милениумски аманет за да ги споменуваме борците, жртвите, и за да се потсетуваме како сме ја добиле слободата, државата и како треба да ја браниме и градиме државата сега. И нашето Кичево е револуционерен град. Кичево е град кој е прв ослободен на 11 септември во 1943 година, Кичево е најпркосен град и во Илинден и во НОБ“, кажа Сајкоски.

Сајкоски укажа дека историјата не може да биде предмет на било какви преговори и договори во комисии и слично.

„Денес кога зборуваме за историјата сакаме да кажеме дека историјата не може да биде предмет на договор на некоја комисија. Историјата се фактите, историјата се жртвите, историјата се сведоштвата, историјата ни е културниот идентитет со кој се поистоветуваме. Ние кога зборуваме за историја зборуваме за археологијата, фактите, документите, затоа ние не можеме да се откажеме од историјата“, изјави Сајкоски.

Според Сајкоски многу е јасно дека не може други да ни ја креираат историјата, затоа што историјата е исцртана и во светски рамки.

„Нашиот народ се дефинираше во 1941 година, и нашата страна е да имаме слободна, суверена Македонија, да имаме Македонија каде суверенитетот нема да биде нападнат од комисија која ни ги креира учебниците, треба ние сами да си работиме на учебници, да си го дефинираме образовниот процес и како што ја почнавме битката така денес треба да се бориме за посебноста на Македонија“, заклучи Сајкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/10/2023 21:30