Инфлацијата, и во месецот кој што преставува гордост за владата, е за 50 проценти повисока од онаа во Европската Унија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски запрашан од новинарите за коментар за инфлација во Македонија и најавеното ново покачување на цените на производите, од теренската активност во општина Аеродром во рамките на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“.

„Можам да кажам дека неспособната политика на владата на ДУИ и СДСМ, доведе до една ваква ситуација во која што јасни се последиците, а последиците се дека стандардот на граѓаните е драматично намален, граѓаните живеат се полошо, сиромаштијата се зголемува и, практично, од први до први луѓето се борат како да го преживеат месецот“, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека навистина жали што уште неколку месеци ќе бидеме заложници на оваа политика на неспособни и криминални политичари.

„За неколку месеци од денес доаѓа влада на ВМРО-ДПМНЕ која што има јасна стратегија, има јасна цел, а тоа е заедно со народот, заедно со граѓаните да работи исклучиво и само за интересите на народот и Македонија како држава“, посочи Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/10/2023 20:59