На денешната дебата насловена ,,Справување со тероризмот - Предизвик на современа Европа“ во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ во Крушево се обрати Наќе Чулев, поранешен министер за внатрешни работи кој што истакна дека во моментот разузнавачко безбедносниот систем на Македонија е на колена а состојбите во него се крајно нефункционални и хаотични, а институциите се високо партизирани и не испорачуваат резултати како за граѓаните така и за меѓународните партнери.

„Јас сум повеќе од 25 години дел од разузнавачко безбедносниот систем, сум ги поминал сите скалила во агенцијата за разузнавање, од улица па до шеф на оператива, нормално разузнавачко безбедносниот систем имал успони и падови, меѓутоа со огромно жалење и јас и моите колеги можеме да констатираме дека во моментот разузнавачко безбедносниот систем на Македонија е на колена а состојбите во него се крајно нефункционални и хаотични. Реформите на безбедносниот систем со кој се фалеше Оливер Спасовски се неуспешни и не ги испорачуваат резултатите во смисла на заштита на безбедноста во смисла на заштита на основните вредности на државата и интереси на државата и она што го очекуваат граѓаните но не испорачуваат резултати и на меѓународната безбедност она што го очекуваат нашите меѓународни партнери“, нагласи Чулев.

Чулев посочи дека сите безбедносни институции се високо партизирани и се пренатрупани со кадар и тој кадар е нестручен и неквалитетен и не може да испорача резултати од областа на безбедноста.

„Моментално сите безбедносни институции се високо партизирани и се пренатрупани со кадар и тој кадар е нестручен и неквалитетен и не може да испорача по дифолт резултати од областа на безбедноста. А дополнително и постојаниот кадар е немотивиран и апатичен пред се заради лошите раководни политики на менаџерскиот тим во областа на безбедноста“, нагласи Чулев.

Чулев истакна дека власта нема политичка волја после 6 години да ја дислоцира АНБ од кругот на МВР.

„Агенцијата за национална безбедност, Законот за АНБ го изгласаа ДУИ и СДСМ меѓутоа во самото формирања на АНБ имаше аномалија, не беа почитувани две главни законски одредби и заради тоа членот на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ си даде оставка. Двете главни законски одредби беа дека не се спроведува тест на интегритет тест на чесност на новиот кадар кој што се вработува и полиграфско тестирање. Се поставува прашање дали законски функционира АНБ и колку се легални актите? Замислете АНБ во кругот на МВР што има огромно влијание на процесот на одлуки во МВР и после 6 години власта се уште не најде средства и политичка волја АНБ да се дислоцира од кругот на МВР“, нагласи Чулев.

Чулев додаде и дека Агенцијата за разузнавање моментално се соочува со кадровски геноцид, таму се вработува крајно непрофесионален кадар кој што е со сомнителен бекграунд, дел од тие луѓе веќе и немаат безбедносни сертификати.

„Агенцијата за разузнавање моментално се соочува со кадровски геноцид, таму се вработува крајно непрофесионален кадар кој што е со сомнителен бекграунд, дел од тие луѓе веќе и немаат безбедносни сертификати. Се врши професионална елиминација на докажани кадри од областа на безбедноста во аналитика во техника и им се одземаат безбедносните сертификати“, рече Чулев.

Чулев посочи и дека треба да се подигне квалитетот на кадарот кој што е вработен во државните институции од областа на безбедноста.

„Безбедносните институции треба да испорачаат безбедност и сигурност кај граѓаните во моментот тоа не го прават на ефикасен начин. Сведоци сме како во неколку месеци имаше сериозни нарушување на јавен ред и мир со бомбашки напади во училишта, притоа се јави несигурност и хаос и тоа траеше со месеци, целосно потфрлање на институциите од безбедноста. Целата на тероризмот е предизвикување страв несигурност хаос и паника и со самото тоа тие ја постигна а целта, потфрлија целосно. Импликациите од конфликтот во блискиот исток сигурно ќе се одразат и овде, имаме повици на верски лидери за џихад, имаме неодговорни изјави на политички ескалации а низ Европа има зголемен број за протести, во Македонија има изјави на социјалните мрежи каде што може да се види како се глорифицира насилството и тука државата не презема ништо. Мора да се изврши безбедносна проценка од конфликтот на Блискиот исток врз Македонија. Треба да се подигне квалитетот на кадарот кој што е вработен во државните институции од областа на безбедноста“, кажа Чулев.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/10/2023 05:46