На Белградскиот саем вчера се затвори вториот саем „Винска Визија на Отворен Балкан“ кој се одржа под покровителство на владите на Србија, Македонија и Албанија, на кој со собраа околу 600 изложувачи од 24 земји од светот, од кои половината беа од земјите на Отворен Балкан, 260 од Србија, 74 од Северна Македонија и 21 од Албанија, јави дописникот на МИА од Белград.

Покрај политичкиот дел и средбите на премиерот Димитар Ковачевски и потпишаниот меморандум за изградба на железничка линија и брз воз од 160 км од Скопје до Ниш, со перспектива на поврзување на брзиот воз до Белград и Солун, македонските изложувачи освоија бројни награди, меѓу кои за вино Камник и Тиквеш, специјална награда доби ресторанот Концепт за презентација на националната гастрономија, за најдобри ракии беа прогласени производите на Дафинка Дамјанова, ВК крафт дестилерија, Трајковски, вињакот на Попови или само Здружението „Македонски семејни винарии“ на саемот освоија 11 златни, 28 сребрени и 25 бронзени медали.

Во реакциите во Србија по саемот, белградски Блиц пишува дека „врските во регионот никогаш не биле посилни, судејќи по отворањето на саемот на вино, трет по големина во Европа, со двојно повеќе изложувачи од лани, и уште повеќе клиенти.“

Александар Радовановиќ, раководител на Центарот за регионална соработка при Стопанската комора на Србија, оцени дека Саемот на вино ќе биде сè попопуларен.

-Мислам дека годинава со ваков саем, барем Србија, ќе имаме недостиг на вино, бидејќи има голем интерес за нашите вина. Голем интерес покажаа купувачите од Велика Британија, Кина, Бразил, Ангола и нордиските земји, изјави Радовановиќ за Блиц ТВ.

Како што рече, освен интересот за српските вина, Отворен Балкан на Србија и на нејзините партнери од регионот им донесе „слободен проток на други стоки и луѓе и нивно полесно вработување“.

Наташа Вучковиќ, директорка на Фондацијата Центар за демократија, смета дека најважно е што „Србија беше иницијатор и се покажа како земја која ја афирмира поврзаноста во соседството“.

-Она што е неговата мана е што не ги вклучи сите потенцијални членки, што не се прошири, како што е Берлинскиот процес, но исто така значајно е што ги зближува овие земји и жителите на овие земји на продуктивен и иновативен начин. Има навестувања дека иницијативата „Отворен Балкан“ може да се прошири, особено по присуството на црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ на Саемот на вино, рече Вучковиќ.

Михаило Гајиќ, претседател на Либек, оцени дека „се поголеми шансите Црна Гора да се приклучи на ваква иницијатива“.

-Интересно е што и во БиХ имаме повеќе помирливи коментари поврзани со Отворен Балкан кои доаѓаат од федерацијата, забележува Гајиќ.

Колку иницијативата „Отворен Балкан“ може да биде корисна за другите земји, можеби најдобро говори информацијата што се слушна на отворањето на Саемот, дека трговската размена меѓу земјите членки пораснала за цели 25 отсто, а само меѓу Србија а Северна Македонија надмина 1,1 милијарда евра, што е најголема трговска размена во изминатите 18 години.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2023 15:39