Духовните филмови имаат голем потенцијал да промовираат позитивни промени во општеството преку промовирање духовни вредности и охрабрување на гледачите да размислуваат подлабоко за нивните животи и за светот околу нив, вели во интервју за МИА Милан П.Киќевац, продуцент на документарниот игран филм посветен на Свети Јаков Тумански, со кој на 25 месецов во 21. 30 часот се отвора осмото издание на Меѓунарoдниот филмски фестивал за духовни и хумани вредности „Богородичен Покров”.Филмот ќе може да се проследи на линкот https://youtu.be/_hqsEnuUXbw.

Според Киќевац, генерално, интересот на публиката за вакви филмови постои, но неопходна е помош од државата и културните институции во форма на промоција и афирмација и во финансиска смисла.

Киќевац, кој е основач на продукција Coolture Srbija и Coolture Budapest, се осврнува на причината за престојот на Свети Јаков Тумански во битолски Богдај и за значењето на ова место во тоа време.

Господине Киќевац, со вашиот документарен филм посветен на свети Јаков Тумански, чии мошти се наоѓаат во манастирот Тумане, започнува осмото издание на Меѓународниот филмски фестивал за духовни и хумани вредности „Богородичен Покров“. Кои беа мотивите за продукцијата на овој филм?

- Голема чест и задоволство ми е што како продуцент и автор имам можност нашиот филм да биде избран да го отвори Меѓународниот филмски фестивал „Богородичен Покров“, знаејќи ги критериумите на програмскот совет на фестивалот. Особено што станува збор за единствен филмски фестивал во Македонија кој ги негува духовните и хумани вредности, кои се исклучително значајни за секое општество и држава.

Додека се истражуваше животот на овој светител, многу брзо се роди идејата и желбата да се сними документарен филм за Свети Јаков. Мотивите за продукцијата на филмот беа длабоката религиозна и духовна посветеност и желбата да се слават духовните и хумани вредности кои овој светител ги претставува, а за кој недоволно или малку се знае.

Неговата посветеност, самопожртвуваност и религиозна посветеност беа инспирација за снимање на документарен филм за неговиот живот. Радоје, како што го крстиле при раѓањето, уште од детството е вреден, трудољубив, одличен ученик. Подоцна завршил два факултета и одбранил два доктората! Му се насмевнувала успешна дипломатска кариера...и по една средба со Свети Владика Николај Велимировић во Врњачка Бања...решил да остави се и да замине во Манастир! Од почетник до, ни помалку, ни повеќе, Светител.

Промоцијата на филмот беше минатата година во Домот на младината во Белград, каде верувале или не, ја следеа 18 ТВ куќи од Србија и салата беше претесна да ги прими сите гледачи. Ова сите многу не израдува и се надеваме дека и во иднина ќе расте интересот за овој жанр филмови, бидејќи духовните и етички филмови се темел за едно здраво општество. Покрај мојата Coolture продукција, продуценти на филмот се ЛХС Студио, УТС Продукција и ARTPROJECT TIM. Мојот драг пријател и колега г-дин Бошко Милосављевиќ со кој досега имаме реализирано поголем број духовни филмови кои беа на радост на публиката, е исто така продуцент на овој филм и сценарист и режисер.

Во филмот се спомнува и престојот на Св.Јаков Тумански во Богдај, во Битола. Кажете ни за причината за неговиот престој и за значењето на Богдај во тоа време, за што малку се знае во јавноста.

-Богдај, најомилено место на Владиката Николај. Толку многу го сакаше и беше приврзан за него, што сакаше да биде погребан во Богдај. Топол дом за сите сиромашни деца од Битола и околината без разлика на вера. Сите биле деца на владиката Николај, а тој бил нивниот дедо. Место на бескрајна љубов и почит. Училиште на животот. Токму поради сето тоа, владиката Николај го доведува во Богдај, во детското сиропиталиште посветено на Свети Никола.

Во тоа време и Јустин Поповиќ бил професор во битолската богословија. Замислете, во исто време, во Битола живеат и работат четири подоцнешни светители. Св. Јустин Поповиќ, Св.Николај Велимировиќ, Св.Јаков Тумански и Св.Јован Шангајски. Јаков работи напорно во Битола, го преведува од руски Свети Антониј, често оди кај Мати Ана во Богдај, како што можеме да видиме од нејзините дневници.

Голем број ваши филмови се посветени на цркви и манастири. Како се случи животот да го посветите на духовни и православни теми?

-Тоа е неисцрпна тема. И да го посветите целиот живот на овие теми, не би биле ни на почеток на оваа тема. Црквите и манастирите, животот во и околу нив, се важен дел од културното наследство и ја претставуваат историјата и духовноста на еден народ, потврдувајќи ја неговата длабока традиција и значење.

Според Вас, каква е улогата на духовниот филм во општеството и каков е интересот на медиумите и публиката за овој жанр на филмови?

-Духовните филмови играат важна улога во општеството поради неколку причини. Тие често им нудат на гледачите подлабоко размислување за животот, моралните вредности и духовниот развој. Тие можат да обезбедат инспирација за личен раст и преиспитување на животните цели. Духовните филмови ги истакнуваат позитивните морални и етички вредности како што се љубовта, сочувството, толеранцијата, мирот, солидарноста...со што придонесуваат за промоција на таквите вредности во општеството.

Духовните филмови често истражуваат различни религиозни и духовни традиции, помагајќи им на гледачите подобро да ја разберат и почитуваат различноста на културите и верите. Ваквите филмови често поставуваат важни прашања за моралот, етиката и човековите права, што може да поттикне дискусија и размислување за овие теми. За многу луѓе, духовните филмови можат да обезбедат чувство на удобност, надеж и духовна поддршка во тешки времиња. Духовните филмови имаат голем потенцијал да промовираат позитивни промени во општеството преку промовирање духовни вредности и охрабрување на гледачите да размислуваат подлабоко за нивните животи и за светот околу нив.

Генерално, интересот на публиката за вакви филмови постои, но неопходна е помошта од државата и културните институции во форма на промоција и афирмација, се разбира и во финансиска смисла.

Како учесник на филмскиот фестивал „Богородичен Покров“ речиси секоја година, но и на други фестивали, вие сте добитник на повеќе меѓународни награди и признанија. Што покажува вашето искуство и искуството на продуцентите со кои соработувате од други земји во однос на поддршката на филмовите од овој жанр и каква треба таа да биде?

-Ми се чини дека се познаваме со години и дека со години се среќаваме на фестивали кои не зближуваат, бидејќи се занимаваме со слични теми. За жал, ние сме во малцинство, затоа што не се занимаваме со комерцијални теми, и некако поради тоа сме отфрлени. Сите се снаоѓаме. Секој на свој начин. Но, фала на Бога, не се откажуваме.

Искрено се надевам и би сакал оваа ситуација да се промени. На тоа и лично работам и ме прави среќен што годинава сум и иницијатор и еден од основачите заедно со Архимандритот Рафаил од манастирот на СПЦ во Гвајакил и продуцентот Бојан Драгиќевиќ на српскиот документарен фестивал посветен на културата и духовноста, „Сербиана”, во Гвајакил, Еквадор. Фестивалот се одржува во втората половина на ноември годинава, каде и лично ќе бидам присутен и ќе бидат прикажани неколку филмови кои се дел од мојата продукција. За прв пат од таму ќе го шириме духовното и културно наследство на Србија, обезбедувајќи можност за една третина од светското население, кои зборуваат шпански да уживаат во српската духовна култура. Оваа длабока посветеност на традицијата и моралните вредности е со цел да бидеме вистински чувари на културата и духовноста и да ја шириме пораката за поврзување на различните култури, за нивно единство и разбирање.

Постои нов тренд манастирите да бидат продуценти на духовни филмови. Што значи ова за филмските продуценти?

-Моите искуства се многу позитивни. Иако времињата се исклучително тешки, секогаш наидував на помош. Не зборувам за пари, туку за сместување во конаци, за трпеза, архивска документација, совети, љубов и радост. Широко отворени раце и топла татковска прегратка.

Доколку некој од манастирите има можност да биде продуцент на документарен филм, тоа би било од голема помош и големо значење. Ќе даде драгиот Бог, вашето прашање да се обистини.

Кои духовни филмови и проекти ги планирате за во иднина?

-Моментално работиме на еден голем проект. Почнавме да снимаме филм за големиот филантроп Сима Андрејевиќ Игуманов, за кого, за жал, малку се знае. Нашата идеја и желба му ја претставивме на неговото Преосвештенство

Владиката Рашко - призренски г. Теодосије. Не поддржа со сето свое срце, го даде својот благослов и обезбеди сместување во конак и храна за екипата. Првиот дел од филмот успешно го снимавме на локации во Призрен, Грачаница, Штрпци, Велика Хоча... планираме да го завршиме филмот во наредната година.

Во план е и прв интернационален документарен филм посветен на Свети Наум Охридски-Чудотворец, големиот молитвеник, тихувател, основоположник на монаштвото на овие простори, но, истовремено како што е познато и голем исцелител, просветител, учител, познавач на многу јазици, како и на народната медицина, но и писател на литературни дела.

Владиката Св. Николај Охридски и Жички напишал песна за Свети Наум, издал прв книшка со триесет негови чуда, ги запишал неговите четири завети и преданија, пишувајќи дека „Св.Наум е почитуван и живее како опомена и совест во душите на луѓето.”

Во филмот ќе стане збор и за тоа како се пренесувал култот на Св.Наум на овие простори. За пошироката јавност е непознато дека во Унгарија 42 претстави му се посветени на светителот од Охрид, а земајќи ги предвид и граничните сцени од хагиографските икони, Свети Наум е претставен во 149 композиции, кои се наоѓаат главно во Црквите на Српската Православна Црква и во Музејот Сент Адреј Во Унгарија. Унгарија е единствена католичка држава во која се негува православниот култ на овој велик Светител. Но, нека остане нешто и тајна која гледачите ќе ја видат во овој филм. Филмот ќе има своја промоција во Будимпешта, Нови Сад, Белград, Скопје Битола и Охрид, а ќе биде промовиран и на бројни фестивали и во кино сали. Она што особено ме радува е фактот што филмот за прв пат ќе биде копродукција меѓу Македонија и Србија. Идејата е од г-ѓа Зорица Соломан Костовска, теолог и филмски продуцент, која е исто така продуцент на овој филм, сценарист и режисер. Ни претстои многу работа и труд.

Лидија Велковска



Автор: Администратор
Објавено на: 24/11/2023 04:51