Мексиканското обвинителство денеска потврди дека уште еден репортер бил ранет во пукање во западната мексиканска држава Мичоакан, со што е петти новинар застрелан во земјата за само еден ден.

Претходно, во соседната држава Гереро, четворица фоторепортери биле нападнати со огнено оружје во близина на воена касарна, кога се враќале од Чилпансинго, каде требало да известуваат за едно од многуте убиства во тој град. Нема информации за состојбата на новинарите кои работеле за локални весници или информативни веб-страници.

Американските медиуми потсетуваат дека пукањето се случило само неколку дена откако тројца новинари биле киднапирани и со денови задржани во Такско, исто така во државата Гереро, за подоцна да бидат ослободени, но нема информации за мотивот на нивното киднапирање.

Последните настани се меѓу најлошите масовни напади врз новинари во еден ден во Мексико од злосторството во почетокот на 2012 година, кога тела на тројца фоторепортери беа пронајдени фрлени во пластични кеси во канал во градот Веракруз, за што беше обвинет некогашниот моќен нарко картел Зетас.

Претходно овој месец, фоторепортер беше пронајден убиен во неговиот автомобил во мексиканскиот пограничен град Сиудад Хуарез, што беше петто убиство на новинар во Мексико во 2023 година.

Во Гереро често има брутални пресметки меѓу десетина нарко-банди на картели, а истото важи и за државата Мичоакан. Само во изминатите пет години, Комитетот за заштита на новинарите документира убиства на најмалку 54 новинари во Мексико



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2023 07:50