Контроверзната нова книга на Омид Скоби - „Крај на играта“ (Endgame), којашто дава поглед „зад кулисите“ на британското кралско семејство, е повлечена од продажба во Холандија. Причината е тоа што холандската верзија го посочува името на кралот Чарлс Трети, како човекот кој наводно ја коментирал темната боја на кожата на синот на принцот Хари и Меган Маркл - Арчи.

Омид Скоби, инаку, е познат и како биограф на семејството од Сасекс (Хари и Меган, кои денес живеат во САД). И новата книга првично е издадена на англиски јазик. Спорниот пасус го нема во првата книга на англиски, ниту во другите верзии, пишуваат медиумите.

„Ова - колку што знам - важи само за холандската верзија, а не и за англиската. Се чини, само холандската верзија го објави името на личноста која зборувала за бојата на кожата на нероденото дете. Чарлс“, напиша новинарот Рик Еверс на „X".

Истражувачот, кој го покрива кралското семејство од 2010 година, објави и фотоисечок од спорниот пасус од книгата на холандски јазик. Тука (на страница 128) се чита:

„За време на разговорот со Опра, и Хари и Меган одбија да кажат кој бил присутен за време на разговорот (претставник на двојката само соопшти дека тоа не е кралицата, ни принцот Филип).“

Но, во приватни писма, според напишаното, името е откриено и потврдено - Чарлс. Кралот, според наводите, сакал да разговара со Меган и да ѝ појасни дека немал лоша намера или предрасуди кога зборувал за својот иден внук.

Издавачката куќа „Ксандер“ потврдија за „Дејли мејл“ дека во последен миг добиле барање „од САД“ да ја стават продажбата на книгата „во мирување“ до „дополнителни инструкции“. Самиот писател изјави за „Ер-те-ел“ дека не го спомнал спорното име.

- Книгата е објавена на неколку јазици и за жал не говорам холандски. Но, ако има грешки во преводот, издавачот ќе ги исправи. Ја напишав англиската верзија. Немаше моја верзија во којашто се спомнати имиња, изјави Скоби.

Инаку, во познатото интервју кај Опра Винифри во март 2020 година, Меган откри дека имало „неколку разговори“ меѓу неа, Хари и други членови на кралското британско семејство за тоа „колку темно“ би можело да биде нивното дете - пред Арчи да биде роден. Престолонаследникот Вилијам потоа јавно изјавуваше дека тие дефинитивно не се расистичко семејство



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2023 08:47