Пократки денови, студено, темно … во зима обично ни паѓа расположението. Но, некои од нас развиваат и вистинска сезонска депресија. Како да се препознае и што да се направи?
Додека да трепнеш, поминал денот. Ова често ни се случува во студениот, мрачен зимски период. Се чувствуваме уморни, исцрпени и безволни.
А како што се ближи крајот на годината и доаѓа време за ретроспектива, тоа сме позамислени и помеланхолични – не фаќа „зимскиот блуз“.
„Речиси сите го знаат тоа“, изјави заменик директорката на Германската организација за помош во депресија, Инес Кеита. Значи, ако е само послабо расположение, нема причина за грижа.
„Зимската депресија е сезонска депресија која, за разлика од зимскиот блуз, треба лекување“, објаснува психологот Кеита.
Иако симптомите може да бидат слични, кај зимската депресија тие се многу поизразени и не се појавуваат само неколку денови, туку траат. „Кога го имаме зимски блуз, сè уште уживаме во многу работи, како посета на божиќниот пазар“, вели таа.
Од друга страна, оние кои страдаат од зимска депресија речиси повеќе не чувствуваат радост, немаат надеж и се повлекуваат од социјалните активности.
Според Кеита, единствената разлика помеѓу зимската депресија и „класичната“ депресија – освен сезонскиот карактер – е зголемената потреба за калории и повеќе сон. „Ова е нетипично за депресија, која обично е придружена со губење на апетит и нарушувања на спиењето“, вели таа.
„Светло за хибернација“
Според процените на Германската организација за помош во депресија, околу еден до два отсто од луѓето во Германија страдаат од зимска депресија, што може со сигурност да се утврди само ако се повторува во студените и темни месеци.
Причините за таквата депресија се сложени и сè уште не се целосно истражени. Недостатокот на светлина веројатно игра значајна улога бидејќи го исфрла од рамнотежа нашиот биолошки часовник.
Дитер Кунц, берлински лекар специјализиран за нарушувања на сонот, смета дека со почетокот на студената сезона луѓето преминуваат во режим, кој вклучува заштеда на енергија, односно запаѓаат во еден вид „зимски сон“.
„Отсекогаш било така, дури и кај нашите предци, кои се повлекувале во своите пештери за да заштедат енергија штом надвор било студено и темно“, вели тој.
Оттогаш, вели тој, живееме од нашите резерви на енергија – и ништо не се променило до денес. Ние исто така се приспособуваме на недостигот на светлина и падот на температурата забавувајќи ја својата физиологија.
Во зима еден час повеќе сон
„Мерливо функционираме различно во лето и зима, без оглед дали тоа го забележуваме или не“, објаснува Кунц.
Најновите откритија покажуваат дека ни треба повеќе сон во студената сезона. „Возрасните во Берлин во просек спијат еден час повеќе во зима отколку во лето“, вели Кунц, кој го истражувал ова со неговиот тим.
Длабокиот сон, како што вели Кунц, кој е важен за регенерација, во зима трае половина час подолго.
Сепак, не сите луѓе кои наесен преминуваат на „штедлив“ начин на работа имаат доволно резерви во текот на зимата.
„Штом резервите се потрошат, ние колабираме – и развиваме зимска депресија“, вели Кунц. За повеќето луѓе, ова не се случува до февруари или март.
Решение? „Превенција, односно скратување на зимскиот сон со продолжување на летото“, вели Кунц.
Повеќе светлина?
Но, не мора да патувате на југ неколку недели за да го впиете сонцето и да ги наполните батериите. Ова може да се направи и дома.
„Штом ќе започне денот, треба да ја искористите целата природна светлина што можете да ја добиете, дури и сивите денови помагаат“, советува Кунц. Во исто време, важно е да гледате во небото одвреме-навреме.
Ако треба да го поминете цел ден во канцеларија, може да ви помогнат така наречените „дневни светла“, кои имаат најмалку 10.000 лукс и се силни како дневна светлина.
Користењето на таква светилка од половина до еден час наутро прави чуда, велат експертите. Особено ако гледате директно во светлината.
Светлосната терапија често се препорачува за лекување на зимска депресија. Како што е случајот со депресијата воопшто, може да се препише психотерапија или дури и лекови, вели психологот Кеита.
„Ако мислите дека сте болни, треба да побарате стручна помош и да не се надевате на подобрување на пролет. Првата допирна точка е вашиот матичен лекар“, вели таа.
Ова е исто така важно за да се разјасни дали се работи за зимска депресија или за класична.