Балистички ракети истрелани вчера од јеменските проирански бунтовници Хути погодија три комерцијални бродови во Црвеното Море, додека американски воен брод собори три беспилотни летала, бранејќи се од повеќечасовен напад, соопшти американската армија.

Јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран, ја презедоа одговорноста за два напади за кои велат дека претставуваат ескалација на конфликтот на Блискиот Исток предизвикан од војната меѓу Израел и Хамас.

САД најавија дека „ќе ги разгледаат сите соодветни одговори“ по нападите, особено повикувајќи се на Иран. Нападот на Хутите почна околу 09:15 часот по локално време од Сана, главниот град на Јемен, кој е под контрола на Хутите, соопшти Централната команда на САД.

Воениот брод УСС Карни, американски разурнувач со наведувани проектили, откри дека балистичка ракета е истрелана од областа во Јемен контролирана од Хутите кон товарниот брод „Јунити Експлорер“ под бахамско знаме.

Набргу потоа, разурнувачот Карни собори беспилотно летало лансирано од Хутите, иако не беше јасно дали разурнувачот бил целта, соопшти Централната команда, но околу 30 минути подоцна, товарниот брод „Јунити Експлорер“ бил погоден со проектил.

Додека одговараше на повикот за помош, воениот брод собори уште едно беспилотно летало, а Централната команда на САД потврди дека товарниот брод претрпел мала штета од ракетниот напад.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2023 07:55