Министерот Меџити веројатно го погрешил ресорот па наместо да се занимава со основната дејност на ресорот - здравството, очигледно се однесува како министер за надворешни работи, а Министерството кое го предводи го претворил на туристичка агенција.
Меџити кој повеќе шета низ светот, а многу помалку е посветен на решавање на проблемите на пациентите воопшто не покажа основна грижа за затворањето цели оддели по болници и што персоналот го напушта јавното здравство, а континуирано до нас пристигнуваат информации за неправилности и мобинг по ЈЗУ.
Меџити не го интересираат проблемите на дијабетичарите, не даде одговори ниту за забелешките од Извештајот на ЕК, не даде отчет ни за copy-paste буџетот кој покажува основна негрижа за пациентите и за инфраструктурата.
За Меџити мисловна именка е инвестиција во кадар на среден и долг рок, како и капитална инвестиција во здравството
Но, затоа додека министерската позиција ја подразбира како шетање низ светот имаме затворање оддели во болници и имаме четврт министер за здравство кој со прст не мрдна да го зајакне кадарот низ болниците во државата, истиот тој Меџити распишува огласи во самото Министерство за административен кадар и разни советници и соработници во најголем дел партиски кадри на Меџити од албанска националност.
Оттука прашуваме:
На колку патувања досега бил Меџити и со колку членови во делегацијата?
Колку средства се потрошени за неговите патувања заедно со делегациите ?
Што конкретно договорил Меџити и што конкретно преземал за едукација на кадри во рамки на тие патувања, ако се земе во предвид дека соопштенијата негови содржат само празни ЌЕ флоскули?
Дали Меџити е информиран дека додека шета низ светот на КАРИЛ недостасуваат следните лекови:
Heavy Bupivacaine
Esmocard
Dexmetomidine
Dormicum
Ultiva ( remifentanil ) а имало периоди кога нема основно Atropin
Што се случи со тематската седница на Влада на која требаше Меџити да иницира вработувања по болниците и тоа да биде приоритет и зошто не се обезбедуваат средства за медицински кадар од надлежните институции согласно потребите?
Одговорите се добро познати, а она што е повеќе од јасно е дека во оваа влада еден од најосетливите ресори-здравството е позициониран на маргините, а штетата од ваквите политики ќе биде на долг рок.