Дозволете ми уште еднаш да го честитам празникот Свети Климент Охридски, денот кога го славиме и одбележуваме вонвременското дело на овој светител и словенски учител кој работел и творел на македонската земја. Тој е првиот словенски епископ и втемелувач на Охридската книжевна школа, првиот словенски универзитет, каде што се преведувале книги на словенски јазик и се образувале илјадници ученици кои потоа словото божје го ширеле во целиот словенски свет. Затоа сме горди, бидејќи Македонија освен што директно се врзува со грандиозноста на браќата Кирил и Методиј, се врзува и со просветлувањето кое го направил еден од нивните најдобри ученици, светиот Климент Охридски.
Поминато е повеќе од еден милениум од животот и творештвото на Климент Охридски, но неговата заслуга не само што не е заборавена, туку преставува свет аманет за секој од нас, да го негуваме јазикот, творештвото и верата како суштина на еден идентитет на еден народ. Светиот климент Охридски преку својата силна волја и истрајност ни покажува дека еден народ може да се избави од културното ропство и културниот јарем врз него и да се избори за својата посебност под ова небо.
Да, токму тоa е едно од достигнувањата на Климент Охридски бидејќи преку описменувањето и просветителството го избавил својот народ од мрак и не дозволил да се претопи во нешто што не е.
Но има и уште една димензија во неговото битисување. Светиот Климент Охридски со своето човекољубие и голема верба, бил исклучително посветен на своите луѓе. Како епископ уживал голема почит од народот, затоа што бил и самиот дел од тој народ и со него ги делел и доброто и злото. Својата паства ја издигал не само духовно, туку и книжевно и просветителски непосредно помагајќи им со цел да ги избави од незнаењето и да и им го олесни животот. Благодарение на тоа, ден ден живеат преданијата и почитта на народот во Македонија кон овој светител и слободно можеме да кажеме преродбеник.
Впрочем, неговиот живот и неговот дело се искра во мракот и денес. Живееме во едни мрачни времиња, времиња на сиромаштија, апатичност, безнадежност што кај многу луѓе го будат злото и нечовечноста. Аманетот на светиот Климент Охридски и неговото пред се хумано дело, треба да ни биде водилката кон тоа какво општество треба да градиме. Иако почестен со титула епископ, тој останал обичен и скромен човек кој ги проповедал и живеел според речта божја, кој подавал рака, кој лекувал и спасувал животи, кој го осветлувал патот на цел еден народ. Тоа е примерот кон кој секој од нас треба да се стреми, бидејќи можеме да ги менуваме работите ако имаме силна волја и истрајност, бидејќи верата, волјата и љубовта кон човекот може планини да поместува.
Живееме во тешки времиња, времиња на распад на системот, на морални норми, време кога царува полусветот на криминалот, корупцијата и подземјето. Време кога ликови сеат омраза, а па дури и таа омраза толку им ја затрујува душата, та посегаат по туѓите нешта и туѓите животи. Знам деновиве сме потресени од една голема трагедија и сме згрозени до каде може да оди нечовечноста. За жал трагедиите станаа многу чести во Македонија, што е резултат на неказнивоста, неодговорноста и нефункционалноста на системот. Вaквите појави, ваквите франкештајни кои се облекуваат со наметката на патриотизмот, а всушност се кукавици и рекетари се последица и на токсичната атмосфера, на јавните линлови, говорот на омраза кои поминуваат неказнето а се пуштаат од устите на овие луѓе, се шират по медиумите кои во соработка со нив организираат поткасти, се тркаат по бројот на кликови. Печалат пари. Ова не се сите. Тука малку кои на прсти се бројат. Одбивам да прифатам дека тоа треба да биде нашето ново нормално. Одбивам да прифатам дека треба јас и моите деца да живеат во тоа општество на срозени вредност и неуспеси на секое поле. Одбивам да прифатам дека идоли стануваат ликови кои успеале да украдат и живеат нечесно. Всушност затоа се борам против тоа. Затоа постојано повикувам на сплотеност против ова деградирање на општеството и државата.
Јас верувам дека човекољубието и добрите дела на секој поединец може да мотивираат некој друг да се приклучи и така сплотени да се избориме за подобра иднина и подобар живот. Делото на Светиот Климент Охридски се е светол пример кој треба да го следиме и да ги подигнеме сите капацитети на Македонија да ја издигнеме од пепелот.
Оваа земја дала и истрајни и силни по дух ликови. Оваа земја дала и храбри и одлучни луѓе кои ја прославиле по своите хумани и проветителски дела. Македонија се уште дава такви луѓе, но тие сега се чувствуваат поттиснати од шундот и нечовечноста. Наша цел е тие луѓе да ги сплотиме и обединиме без разлика како се викаат и од каде доаѓаат. Битно е да се чесни и да и сакаат добро на Македонија и на народот. Тоа е нашата визија. Немаме ниту време, ниту народ за губење. Дојде времето успехот да го замени неуспехот, победите да ги заменат поразите, добрите дела да ги заменат криминалот и корупцијата.
Доаѓаат подобри времиња за Македонија. Бидете силни и истрајни.
Нека е вечно делото на Св Климент Охридски, нека е вечна Македонија.