Младите од Коалицијата Европски Сојуз за Промени денеска пред трговскиот центар „Соравија“ во Скопје на мирен протест симболично оставија играчки, мечиња и облека, кои, како што велат, припаѓаат на семејствата кои во меѓувреме ја напуштиле земјата поради корупцијата.

- Денеска по повод Меѓународниот ден на борбата против корупцијата ние, младите од Европскиот сојуз за промени, сме тука пред Трговскиот центар Соравија", кој веќе е познат како Трговскиот центар „Али Ахмети", симболично преку оваа акција и блокирање на овој пат, да го привлечеме вниманието на јавноста и да изјавиме дека корупцијата има свое лично име, изјави Бехар Емини од Алтернатива.

Според нив, „Али Ахмети Соравија“ е само симболичното име на корупцијата во Северна Македонија, а тој и неговите соработници, како што изјавија, се тие кои со својата корупција, присвојувајќи незаконски милиони евра од граѓаните, станале вистинските причинители на масовното иселување на нашите граѓани од земјата.

- Затоа, ние денеска симболично донесовме предмети од семејствата кои во меѓувреме ја напуштија земјата. Секое семејство што избегало поради овие корумпирани политичари оставило зад себе ранци, учебници, тетратки и детски играчки, барајќи подобар живот за своите деца. Денеска овие предмети му ги оставаме на сопственикот на Соравија, за да ги има како спомен од сите тие семејства што тој и неговите соработници ги избркаа од своите домови, вели Емини.

Тој рече дека 8 мај 2024 година е последниот момент кога, како што изјавија „ќе го зацртаме нашиот европски пат, не со бегство во Европа, туку со донесување на Европа во нашата земја“.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/12/2023 22:39