- Јавната установа Национален парк „Пелистер“ инсталира камери за детектирање на чад и пожар на планината Баба.
Превентивните активности и заштитата на планината, растителниот и животинскиот свет се секојдневие, информираат од таа установа на светскиот ден на планината.
-Грижата за планината, грижата за националниот парк „Пелистер“ ја вршат вработените, ренџерите. Главна цел е заштита и непречено одвивање на билошките процеси во самиот парк. Националниот парк е поделен на три зони, зона со строга заштита, зона за одржливо користење и активна зона. Во строго заштитената зона не се дозволени никакви активности и природата е целосно зачувана. Благодарение на проектот „Превент“ добивме две камери, три возила и пет метеоролошки станици. Камерите се со инсталиран софтвер кој детектира чад и преку камерите веднаш добиваме информации кои ни служат за набљудување и заштита од пожари, информира Зоран Пројчевски, шумарски инженер во ЈУ Национален парк „Пелистер“-Битола.
Пројчевски потврди дека преку фондацијата Понд, или фондација Преспа-Охрид, добиваат помош и поддршка за мониторинг на растенијата и животните.
-Оваа фондација помага за заштита на природата, спроведување на европски стандарди и други бенефити, посочи Пројчевски.
Светскиот ден на планината 11 декември е востановен со одлука на Генералното собрание на Обединетите нации.