Сите натпревари од Првата фудбалска лига во Грција во следните месеци ќе се играат зад затворени врати, без публика, како дел од мерките на грчката Влада за справување со насилството меѓу навивачите на спортските натпревари, што денеска ги соопшти владиниот портпарол Павлос Маринакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Откако во четвртокот за време на одбојкарски натпревар беше тешко повреден 31-годишен полицаец, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во саботата свика вонреден состанок и беа одлучени низа мерки кои денеска ги соопшти Маринакис.
Одигрувањето натпревари без публика ќе биде во сила до 12 февруари 2024 година, се однесува на сите фудбалски натпревари од првата лига, но и на натпреварот од Лига Европа в четврток меѓу Олимпијакос и Бачка Топола.
Дополнително се воведува можноста со министерска одлука, доколку е потребно, да се забрани присуството на публика и на други европски натпревари на кои домаќин се грчките екипи.
- До 12 февруари 2024 година ќе се оценат резултатите од примената на горенаведената одлука, за да се разгледа продолжувањето на нејзиното спроведување, во случај да не се почитуваат во целост законските услови за безбедно одвивање на фудбалските натпревари. Целта е да се избегнат опасностите по животот и физичкиот интегритет на учесниците, како и максимално можно зачувување на јавниот ред и безбедност, истакна Маринакис.
Соопшти и дека меѓу владините мерки се вклучени поставување камери согласно техничките спецификации на УЕФА на сите стадиони чии тимови играат во првата лига, како и електронски систем за влез на навивачи со контрола и лична идентификација.
Дополнително, надлежните министри за заштита на граѓаните и за спорт, утре, како што информираше Маринакис, ќе го посетат Обвинителство во Врховниот суд во Атина и ќе побараат кривична надградба на сите случаи на спортско насилство и корупција, со цел да е пронајдат физичките и моралните сторители во сите извршени дела и да се истражи евентуално постоење на криминални организации во конкретната област.
Говорејќи за мерките, портпаролот на грчката Влада објасни дека станува збор за два вида мерки, едните се однесуваат на стадионите, другите на кривичните одговорности за инцидентите и спортското насилство и порача дека ако во следниот период, ако оценат дека се потребни построги мерки ќе бидат преземени.
Паралелно истакна дека мерките засега, се однесуваат само на фудбалските натпревари, бидејќи, како што посочи, сметаат дека токму фудбалот е коренот и јадрото на спортското насилство.
Во инцидентите што во четвртокот се случија во Атина пред спортска сала за време на одбојкарскиот натпревар Панатинаикос- Олимпијакос, тешко беше повредени полицаец, кога со пиротехничко средство бил погоден во горниот дел од ногата.
Ова е втор сериозен инцидент во Грција период од четири месеци, откако на почетокот на август беше убиен навивач на АЕК.