Од Секторот за внатрешни работи Тетово информираат дека ги засилуваат контролните и други активности поврзани со навремено откривање и спречување нелегална продажба и употреба на петарди и други пиротехнички средства.

Нелегалната препродажба и активирање на петардите и пиротехничките материјали кои се интензивираат во деновите околу новогодишните празници се причина за активирањето на полицијата и апелирање за совесност до граѓаните.

-Во таа насока, на трговците, родителите и учениците (основци и средношколци) повторно им се укажува дека продавањето, односно купувањето и активирањето на петарди на јавни места, на улица, во дворови, влезови на станбени згради и слично, претставува законски прекршок, за кој согласно член 31 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир е предвидена глоба од 100 до 250 евра во денарска противвредност. Нивното набавување и дистрибуирање на пазарот во поголеми количини е спротивно на Кривичниот законик на Република Македонија и за тоа дело е предвидена казна затвор од најмалку пет години. Секторот за внатрешни работи Тетово апелира, пред сè до учениците од основните училишта, подалеку од ваквите опасни играчки, кои неретко можат да предизвикаат и сериозни последици по нивното здравје, односно повреди на рацете, очите и другите делови од телото, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Секторот за внатрешни работи Тетово ги потсетува граѓаните согласно Законот за прекршоци против јавен ред и мир дека со парична глоба од 100 до 250 евра во денарска противвредност ќе се санкционираат и сите оние кои на јавно место неовластено приредуваат огномети, факелијади или слични приредби и не ги преземат потребните заштитни мерки согласно соодветната законска регулатива, како и оние кои со огнено оружје пукаат на свадбени или други семејни свечености



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2023 02:23