Поранешниот капитен на македонската фудбалска репрезентација и интернационалец, Горан Пандев, ја доби наградата за животно дело на Општина Струмица за особен придонес во областа на спортот, којашто се доделува по повод Денот на заштитниците на Струмица-Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици.

Покрај Пандев, годишни признанија за особен придонес добија Фудбалскиот клуб „Тиверија“, Ѓорѓи Хаџи-Котаров долгогодишен крводарител и хуманист, Благој Ѓузелов за планинарството, м-р Зоран Рујак од областа на културата, Млекарница „Јока“ за економија и производство, Данче Даскаловска во областа на општествената работа и Фондацијата „Елеуса“ во областа на социјалната заштита.

Од името на наградените се заблагодари Горан Пандев, кој не ја криеше радоста од наградата која му ја додели родниот град.

-Каде и да одев не криев да кажам дека јас сум Македонец, роден во Струмица, најубавото место на Балканот, место каде народот е насмеан, место каде Господ дарувал убавини, град кој станува препознатлив во цела Европа не само по спортот, туку и по културата, музиката, науката и прогресот. Никој од нас немаше да стаса до тие височини ако не беа струмичани кои секогаш не поддржуваат, ако неа беа нашите учители кои не учеа и ни го трасираа патот, ако не беа нашите тренери кои не усовршуваа, ако не беа Светите петнаесет, кои каде и да одевме беа нашиот чадор на верата, љубовта, здравјето и успехот, рече Пандев.

Специјална награда на свечената седница на Советот на Општината и беше доделена на ВИС „Распеани струмичани“, а ученици од ОУ „Видое Подгорец“ во чест на празникот му врачија портрет на градоначалникот Костадинов, кој говореше за животот, делото и значењето на Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици за Струмица и струмичани.

-Поминаа 1661 или 1662 години од денот на погибието на Свештеномачениците. Овој податок ни кажува многу, ни кажува колкувековна е почитта на неброените генерации струмичани кон верата христијанска и кон оставнината на апостолите, кои ги прогласивме за заштитници на нашиот град. Но, колку и да сме горди на тоа, колку и да веруваме во тоа заштитништво, нужно е да знаеме дека Струмица треба и мора да ја развиваме, оставајќи и наши белези во нејзиното постоење. Тој нејзин развој не зависи само од оној кој ја водел вчера, кој ја води денес, ниту од оној кој ќе ја води утре. Успешното патување на Струмица низ времето зависи од сите нас, зависи од нашето заедништво, од нашата сплотеност, од нашата љубов кон вистинските вредности на овој град, истакна Костадинов.

Одбележувањето на празникот, кое почна вчера, продолжи денеска во утринските часови во црковниот храм „Свети петнаесет“ каде се одржа Света Божествена литургија во чест на заштитниците, а на која присуствуваа градоначалникот Костадин Костадинов, членови на Советот на општина Струмица, гости и верници од Струмица и поширокиот регион.

На свечената седница присутвуваа голем број гости, црковни великодостојници на МПЦ-ОА, Католичката црква, претставници на Српската православна црква од Ниш, Евангелско-методистичката црква и Исламската верска заедница, претставници на дипломатскиот кор, претставници на Владата и Собранието на Република Северна Македонија, градоначалникот на Општина Кукуш, Грција, делегација од Петрич, Бугарија, градоначалници и советници од други општини и почитувачи и пријатели на Општина Струмица.

Во културно-уметничкиот дел на свеченоста настапи и Детскиот хор „Бранко“ од Ниш, кој исполни црковни песни и хорски ја изведе „Македонско девојче“



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2023 03:07