Капитенот на камерунската репрезентација Винсент Абубакар е меѓу петмината странци кои турскиот фудбалски гигант Бешикташ ги отпушти по серијата разочарувачки резултати, објави денеска клубот од Истанбул.

„Винсент Абубакар, Французинот Валентин Росие, Ерик Баили од Брегот на Слоновата коска, Алжирецот Рашид Газел и Камерунецот Жан Онана се отстранети од тимот поради слаби настапи и некомпатибилност во рамки на тимот“, објави Бешикташ.

Новиот претседател на клубот Хасан Арат најави дека Бешикташ ќе се обиде во зимскиот преоден рок да донесе нови засилувања.

„Наш приоритет број 1 е да изградиме подобра екипа. Ќе ги пополниме дупките во нашата екипа во текот на зимската пауза“, изјави поранешниот кошаркар и бизнисмен, кој минатата недела ја презеде претседателската должност во истанбулскиот клуб.

Бешикташ по 15 одиграни кола во турското првенство е на 15 место со дури 14 бодови заостанување зад градските ривали Фенербахче и Галатасарај.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2023 03:11