„Конвенцијата за избор на кандидат за претседател на државата ќе се одржи на 2-ри март. А, на 26-ти јануари ќе имаме централен комитет. Претходно врз основа на она што е наш статут треба да распишеме оглас за претседател на држава кој што ќе е предлог на ВМРО-ДПМНЕ, исто така треба да има поддршка од 30 делегати и кои што ќе бидат на навремено споделени на јавноста и секој кандидат кој што сака да ја добие довербата ќе треба да ги исполнува овие услови“, истакна Ѓорѓија Сајкоски, пратеник и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ во „24 анализа“ на ТВ24.

„Во однос на анкетите и она што периодов се случува имаше повеќе кандидати кои што пројавиле интерес и кои што беа ставени на анкети. Тој процес е се уште незавршен“, појасни тој.

Сајкоски додаде дека институцијата претседател го достигна најниското ниво поради однесувањето на сегашниот претседател во изминативе 5 години.

„Како и сите институции во нашава држава исто и институцијата претседател во моментов на држава достигна на многу ниско ниво. За жал со однесувањето изминативе пет години на сегашниот претседател ние видовме дека има претседателот кој што нема став, има претседател кој што некојпат не се согласува со сопственото мислење, па се повлекува или практично кажано ние имавме претседател е диригиран од некаде и нонстоп работи по она што нему ќе му биде кажано. А, тоа е лошо за држава, и е лошо за институцијата претседател“, рече Сајкоски.

Тој посочи дека профилот кандидатот за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде човек кој што со своето образование и интелектуални капацитети, и со својот авторитет ќе помогне на Македонија. И тоа ќе помогне и на меѓународен план, но и ќе помогне и на внатрешен план. Човек кој што ќе биде коректив на идната Влада на Република Македонија и кој што ќе може да учествува во подобрување на законодавството.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2023 05:14