Банка доверител го презеде имотот на фабриката, очекуваме изнаоѓање на инвеститор за понатамошна работа, рекоа утринава од синдикалната организација на поранешно ,,Фени".
Претседателот на Синдикатот, Миле Ѓорѓиев појасни за МИА дека на вчерашните лицитации од страна на кавадаречки извршител, банката доверител се јавила како купувач на недвижниот имот и опремата во сопственост на ,,Еуроникел".
Несакајќи засега да зборува околу тоа за која голема банка станува збор, тој информираше дека токму банката ги известила дека изминатиов период остварила контакти со неколку потенцијални инвеститори, но со оглед дека на јавните лицитации не се јавил друг заинтересиран купувач, врз основа на одлука од надзорниот одбор, банката се јавила како купувач и се стекнала со сопственост врз недвижниот имот и опремата.
-Со ваквиот чекор се овозможува да се обезбеди најдобра можна заштита на производниот комплекс, како и непречено и интензивно да продолжат преговорите за продажба на имотот и опремата во најдобар интерес на сите заинтересирани страни. Во овој момент од клучен интерес е сите инволвирани страни да ги преземат сите потребни активности да се заштити вредноста на производниот комплекс и да се одржи во непроменета состојба недвижниот имот и опремата потребна за нормално одвивање на производниот процес, ги информирала банката синдикалните претставници и раководството на фабриката.
Оттаму поочиле дека ги преземаат дополнителни обврски и директно извршила плаќање на обврските за електрична енергија за дополнителен период, со цел да им се даде доволно време на потенцијалните инвеститори да извршат анализа на целокупната состојба.
- Со ова обраќање, укажуваме на сите вработени, а особено на менаџментот, управителите и сопствениците на ,,Еуроникел", дека нема да се толерира никаква промена на состојбата на имотот и ќе се преземат соодветни постапки во кои ќе се бара материјална и кривична одговорност за било какви дејствија или пропуштање на дејствија кои ќе доведат или може да доведат до намерно или небрежно намалување на вредноста или функционалноста на било кој дел од имотот. Заради итно преземање на заштитни мерки за одржување на состојбата, вредноста и функционалноста на имотот, потребно е веднаш да отпочнат подготвителни активности за предавање на имотот во владение на Банката, поради што денеска во 10:00 часот, таа ќе испрати свои претставници кои треба да извршат увид во производниот комплекс, им пишале од банката, на синдикалните претставници и раководството на фабриката.
,,Еуроникел индустри" веќе извесен период се соочува со тешкотии во работењето, а Синдикатот неколку пати со протести и блокади на патишта го изрази својот револт, барајќи што побрзо да се изнајде нов инвеститор и да се реши судбината на околу 800 вработени и плус соработници на гигантот. Кој, како што се нагласува, е важен за кавадаречката и македонската економија.