Охридските туристички работници се подготвуваат да ги пречекаат гостите кои ќе решат Новата 2024 година да ја дочекаат во некој од угостителските објекти на брегот на Охридското Езеро.

Досега потврдените резервации и успешната летна туристичка сезона укажуваат дека градот ќе биде добро посетен за „најлудата“ ноќ.

Според последните информации, хотелските капацитети за престојните новогодишни празници се веќе исполнети, особено оние со помал број легла. Помалите сместувачки објекти се речиси стопроцентно исполнети, се чува само по некоја соба колку за сместување свои коминтенти, додека однапред резервираните аранжмани се речиси распродадени.

Поголемите хотели на брегот на Охридското Езеро оваа година слично и на изминатите, ќе работаат за празниците како преку аранжмани,така и врз база на индивидуални посети, но без да организирааат дочек на Новата година. Понудата е различна, зависно категоријата на објектот, но цените се слични на минатогодишните, односно приближно 50 евра за ноќевање со појадок, до некаде 200 евра за тридневен полн пансион со свечена вечера за дочекот на Новата година.

Помалите хотели се целосно закупени и тоа најмногу со гости од соседните држави, од кои најбројни традиционално се оние од Србија, но и од Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора. Гости ќе има и од подалечни дестинации, од европските земји, но во помал број.

Што се однесува на охридските ресторани, и кај нив веќе се резервирани местата за дочекот како и за останатите вечери, со тоа што цените варираат зависно категоријата и местоположбата, некаде околу 50 евра по лице за Новогодишната ноќ, со понуда на богато мени и неограничен пијалок. Дел од рестораните и баровите ќе работаат и на варијантата отворен влез, без организиран дочек со редовни цени на услугите.

Она што е позитивно што години наназад гостите кои дошле во градот за новогодишните празници, заминуваат воглавно задоволни од понудата, цените и забавата.

Интерес има за за приватните сместувачки капацитети, но тој е далеку помал споредбено со летната сезона, воглавно најмногу се бараат капацитетите во центарот на градот. Секако, голем број гости ќе има и меѓу оние кои имаат свои станови и викенд-куќи во градот или во некои од туристичките населби на риверата.

Централното градско подрачје и поважните сообраќајници се веќе украсени со реквизити, низ градот се чувствува претпразничната атмосфера, останува уште да се објави информацијата за програмата и уметниците кои ќе бидат задолжени за забавата на отворено, односно за дочекот на Новата 2024 година на Градскиот плоштад. а



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2023 14:05