На иницијатива на Билјана Ангелова, сопруга на амбасадорот на Република Бугарија во Република Северна Македонија, како дел од кампањата „Стоп за семејното насилство. Жртвите не се виновни!“, денеска напладне на Градскиот плоштад во Скопје, се одржа едноминутен настан за тивка поддршка на жртвите на семејното насилство преку демонстрација на симболот кој означува барање помош. На настанот присуствуваа голем број амбасадори, претставници на цивилното општетство и граѓани.
Ова е трета година како се организира оваа кампања против семејното насилство, во која како што посочува Ангелова, фокусот овојпат е ставен на децата - како директни, но и како индиректни жртви на насилство. За кампањата за 2021 година е изработен и постер на кој со шминка се прикажани како жртви на насилство таа и нејзината тогаш петгодишна ќерка, која самата посакала да биде дел од кампањата. Тоа и помогнало да ја сфати важноста на темата и свесноста на децата за тоа што се случува во нивните животи.
-Сите мои кампањи се за градење на свеста, да ги отвориме очите кон проблемите, да ги надминуваме и да си помагаме...Секоја година ставам акцент на бојата на облеката. Сега сум во бело - бојата на невиноста, во портокалово - бојата на жртвите на семејното насилство и во црно за оние кои веќе не се со нас. Меѓу нив, за жал е и Вања, вели Ангелова.
Детето кое расте во средина полна со насилство учи дека тоа е нормалниот начин на функционирање – со примена на насилство, или пак, со толеранција на насилство. Насилството е циклус кој се пренесува од една на друга генерација, креирајќи трауматски искуства за инволвираните. Само со свесност за проблемот, соочување и активно работење кон превенција, смета таа, може да се избориме со овој непријател.
-Самите деца треба да ги учиме и кога ќе разберат дека мама или тато употребуваат насилство кон нив да знаат кај кого да се обратат, какви чекори да направат. Мислам дека е премногу битно уште во училиште децата да се едуцираат за овој проблем, вклучувајќи ги и тие од помала возраст, вели Ангелова прашана како да се заштитат децата од семејно насилство.
Освен во Скопје како дел од кампањата „Стоп за семејното насилство. Жртвите не се виновни!“, едноминутни настани со кои се означува поддршката на жртвите на семејното насилство се организирани и на плоштадите и јавните места низ градовите во земјава.