Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска е во посета на општина Лесковац во Република Србија на средба со македонската заедница која живее таму.

Мицкоски на средбата посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која се грижи за македонското национално единство и води грижа за сите Македонци без разлика каде и да живеат.

Овој ден е многу значаен бидејќи ние како политичка партија ВМРО-ДПМНЕ сме партија која се грижи за македонското национално единство. Така и се вика нашата партија. Така што ние како партија водиме грижа за сите Македонци секаде во светот. Тоа е фини луѓе и домаќини кои ги почитуваат државите во кои живеат, а нивната држава Македонија и ВМРО-ДПМНЕ како партија, секогаш се грижела, се грижи и ќе се грижи во иднина, посочи тој.

Претседателот Мицкоски додаде дека чест му е што овие деца можат да учат на македонски јазик и потенцираше дека на тој начин нема да го заборават нивниот мајчин јазик и корењата од каде потекнуваат.

Нас ни е задоволство што овие деца можат да учат македонски јазик и да не го заборават да се сетат за нивните корени и да знаат од каде потекнуваат, кој се и што се, но и секако во иднина да продолжат да ја почитуваат државата во која живеат, а тоа е секако Република Србија, но да не заборават дека нивната татковина е Македонија, истакна Мицкоски.

Мицкоски се заблагодари на градоначалникот на општина Лесковац за одличното гостопримство и кажа дека продолжува со посетата и со средба на македонската заедница во населеното место Јабука, во општина Панчево.

Голема благодарност за нашиот домаќин градоначалникот во општината Лесковац, голема благодарност за македонската заедница овде во Лесковац. Ние денеска продолжуваме со посета и во Јабука, во општина Панчево таму повторно ќе се сретнеме со Македонците кои живеат овде во Србија, рече тој.

На крај Мицкоски упати порака дека Македонците и Србите треба да продолжат да живеат и да се почитуваат, како и дека се надева на одлична соработка со сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, Српската напредна странка која што е владејачка партија во Србија.

Мојата порака е дека двата братски народи македонскиот и српскиот треба да продолжат да живеат заедно, да се почитуваат и да се негуваат релациите меѓу двете држави Србија и Македонија, а ние како политичка партија ВМРО-ДПМНЕ и идна влада се надеваме на одлична соработка со нашата сестринска партија тоа е Српска напредна странка, која е владејачка партија овде во Србија, заклучи Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2023 16:26